Вие имате прво да ја знаете вистината

Зимата го замрзна Балканот, во Анталија падна снег по 29 години, на Евија и на Крит измерени најниски температури во историјата (видео)

Југот на Европа деновиве го зафати невообичаено студен бран.

Иако зимата веќе е во полн ек, неочекувано количество снег падна дури и на јужните грчки острови и во Турција.

Суспензијата на летовите од аеродромот во Истанбул денеска беше продолжена поради обилните снежни врнежи, додека зимските временски услови го блокираа сообраќајот низ градот во кој живеат околу 16 милиони луѓе.

Турските власти денеска прогласија административно отсуство за сите вработени во јавните институции со цел да се намали мобилноста, пренесува Танјуг.

Гувернерот на Истанбул Али Јерликаја напиша на Твитер дека приватните возила нема да бидат дозволени на патиштата до 10:00 часот по Гринич, додека екипите за итни случаи продолжуваат да ги чистат патиштата.

На снимката што ја сподели гувернерот се гледаат камиони и автомобили заглавени во снегот.

Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ вчера соопшти дека ги откажала сите летови од аеродромот до Истанбул бидејќи аеродромот бил затворен.

Снежното невреме им предизвика голема главоболка на 16 милиони жители на најголемиот турски град, каде автомобили се удираа еден во друг, лизгајќи се по стрми улици покриени со снег и автопати кои се претворија во паркинзи, пишува Ал Џезира.

Канцеларијата на гувернерот на Истанбул ги предупреди возачите дека нема да можат да влезат во градот од Тракија, регион кој се протега низ европскиот дел на Турција до нејзината западна граница со Бугарија и Грција.

Трговските центри беа затворени рано, услугите за испорака на храна беа затворени, а култните градски пекари беа празни бидејќи добавувачите не можеа да го пробијат снегот.

Сообраќајните службеници, исто така, ги затворија главните патишта низ големи делови од централна и југоисточна Турција, планински регион погоден од снежно невреме за прв пат минатата недела.

Во турскиот град Анталија, популарна туристичка атракција, падна снег по 29 години.

На изненадување, но и на радост на жителите на Анталија, снегот почна да паѓа синоќа, а продолжува со врнежите. Последен пат снегот паднал во Анталија во 1993 година и изнесувал околу пет сантиметри.

Граѓаните не го криеја ентузијазмот и среќата поради снегот, па излегоа надвор, стуткани заедно и уживаа во снежната глетка.

Снежната покривка синоќа ја зафати цела грчка престолнина, при што беше нарушен авиосообраќајот и заробени десетици возачи на автопатот.

Најдраматична е ситуацијата на автопатот Атика Одос, обиколница околу Атина која го поврзува главниот град со аеродромот, каде во моментов се уште се заробени стотици возила, пренесува грчкиот портал Катимерини.

Спасувачките тимови цела ноќ се бореа за да ослободат стотици возачи во време кога бурата наречена „Елпида“ ја погоди Грција и ја покри Атина со дебел слој снег, јавува Ројтерс.

До утрово повеќе од 3.500 луѓе беа евакуирани од главната обиколница околу Атина.

„Неколку луѓе ги оставија своите автомобили на обиколницата пеш, но околу 1.200 автомобили останаа заглавени на Атика Одос, главната обиколница околу главниот град“, изјави портпаролот на грчката влада Јанис Оиконому, цитиран од Ројтерс.

Спасувачките тимови, вклучително и армијата, работеа цела ноќ на евакуација на илјадници луѓе заглавени во автомобили на автопатот во Атина.

Како што беше најавено во понеделникот, снежната покривка ја зафати Грција, од Акропол над Атина до островот на југ, запирајќи го сообраќајот, вакцинацијата против Ковид-19 и училиштата.

На Скијатос снегот достигна 20 сантиметри, но, според градоначалникот Теодор Цумас, сите патишта се проодни. Властите денеска се принудени да ги прекинат повеќето активности на приватните и јавните компании во регионот на Атика, регионалните единици Виотија, Евија, Кикладите, островите Споради и целиот остров Крит, поради студеното време.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!