Вие имате прво да ја знаете вистината

Поранешниот шеф на британските служби Алекс Јангер: Путин игра покер со Западот преку Украина, а не шах

Зошто рускиот претседател Владимир Путин не сака да ја остави Украина на мира, можеби затоа што навистина не може, оцени поранешниот шеф на британската надворешна разузнавачка служба МИ6, Алекс Јангер и додаде дека Путин игра покер, а не шах.

Како што објави вечерва Гласот на Америка (ВоА), Јангер рече дека не гледа сценарио во кое Путин се повлекува, во ситуација кога расте стравот од руска инвазија на Украина.

„Не гледам како ќе се повлече, а во исто време ќе ги исполни очекувањата што си ги постави“, изјави Јангер во интервју за американската телевизиска мрежа ABC.

Тој оцени и дека Путин „игра покер, а не шах“, за да си создаде различни опции.

Претходно британските власти процениле дека веќе има соработници на руската армија внатре во Украина кои учествуваат во тековните акции во земјата.

Украинската служба за безбедност, исто така, соопшти дека има група саботери во земјата кои планирале напади во пограничните области, предводени од руски специјални сили.

Пентагон претходно ја обвини Русија дека планира да исценира напад врз жителите на Украина кои зборуваат руски, а потоа го користи како изговор за инвазија на Украина.

Русија негира дека планира инвазија на Украина, и покрај распоредувањето на повеќе од 100.000 војници долж границата. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Западот создава „хистерија“ и дека нема план да оди против Украина.

Сепак, како што растат тензиите во Источна Европа, западните аналитичари и дипломати стравуваат дека геополитичкиот конфликт ќе достигне точка каде што ќе биде невозможно да се избегне конфликт на теренот, а Путин се стави себеси во позиција во која нема враќање назад.

Путин се обидуваше да го зајакне влијанието на Русија во Источна Европа по Студената војна. Клучен елемент на проектот е одржување на влијанието врз Украина и спречување на Киев да се приклучи на НАТО.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!