Едно лице е повредено, а неколку згради се оштетени во експлозија која се случи рано утрово во Атина, која предизвика пожар и уништи фасади на згради на најпрометната улица во центарот на градот, соопштија официјални лица и очевидци.
Едно лице со изгореници е пренесено во болница, изјави за ТВ Скаи, Јоргос Матиопулос, раководител на Националниот ургентен центар.
Причината за експлозијата и пожарот засега не е позната, соопштија официјални лица.
Експлозијата ги скрши прозорците и ги уништи фасадите на зградите и продавниците долж прометната авенија Сингру што го поврзува центарот на грчката престолнина со јужните предградија. Оштетените згради се оддалечени и до 200 метри од местото на експлозијата.
Срчи и скршени стакла ја поплавија улицата само еден ден откако силно снежно невреме го прекина сообраќајот и блокираше илјадници луѓе.
„Во моментот на експлозијата, бев веднаш спроти зградата. Таа беше силна, многу силна, погледнете ја зградата и наоколу“, рече таксистот Христос Чалкиас. Искршени му биле и стаклата на автомобилот.
„Експлозијата не турна две ленти надесно“, рече тој.
Најмалку 18 пожарникари го гаснат пожарот со седум противпожарни возила во една од зградите и пожарот е речиси ставен под контрола, соопшти пожарникарската служба.
„Избувна пожар, а пред него се случила експлозијата“, изјави командирот на противпожарната бригада на местото на настанот.
На местото на настанот пристигнала и единица за спроведување на кривична истрага.