Вие имате прво да ја знаете вистината

Холокаустот не е само лекција од минатото, туку е лекција за иднината – одбележан денот на сеќавање на жртвите

Холокаустот не е само лекција од минатото, туку е лекција за иднината. Ужасот на Втората светска војна никогаш не треба да се заборави. Цврста и трајна е определбата на Владата неуморно и постојано да работи на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, како и на борбата против атисеминизмот и негирањето на холокаустот, говорот на омраза, лажните вести и други негативни појави со кои сите се соочуваме.

Ова беше посочено на денешниот настан посветен на комеморативно одбележување на 27 Јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, организиран од Министерството за надворешни работи, што се одржа во просториите на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје.

Како што истакна во обраќањето нерезидентната амбасадорка на Израел за Северна Македонија со седиште во Ерусалим Симона Франкел, денес им оддаваме почит на 7.144 Евреи од Македонија кои на 11 март 1943 во добро испланирана операција беа фатени и затворени во привремен логор во монополот во Скопје на 29 март.

-7.144 од овие Евреи беа депортирани во логорот на смртта Треблинка. Само 200 македонски Евреи ја преживеаја војната. Северна Македонија изгуби најголем процент на Евреи по глава на жител од секоја земја во светот. Деведесет и девет отсто од Евреите во земјата беа убиени во холокаустот, рече Франкел.

Таа напомена дека мора да обезбедиме идните генерации да научат не само за она што се случувало во холокаустот, туку како и зошто луѓето дозволиле да се случи, и нашата најдобра одбрана против тоа е никогаш да не заборавиме каде таквото нешто води.

Според министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, холокаусотот беше мрачен пример на политика втемелена врз верска и етничка исклучивост, при што напомена дека ужасот на Втората светска војна никогаш не треба да се заборави.

-Северна Македонија ги помни жртвите на холокаустот и ги чува сеќавањата и во овој сиклучитлено важен меморијален центар, посочи денеска министерката во своето обраќање.

Таа напомена дека нашата држава и нашето традиционално мултиетничко општество претрпеа голема загуба со речиси целосното уништување на нашите сограѓани Евреи во пеколот на логорите на смртта за време на Втората светска војна. Тој ужас, како што рече, е врежан во нашата колективна меморија.

-За жал се уште постојат примери на нови форми на геноцид. Затоа, одбележувањето на Денот на холокаустот мора да биде уште еден поттик да ја потврдиме нашата посветеност кон принципите и целите на повелбата на Обединетите нации и универзалната декларација за човековите права. Ние мораме постојано да се бориме за нашите заеднички вредности, додаде министерката.

Амбасадорот на Грција во својство на земја-претседавач со ИХРА, Русос Кондурос во своето онлајн обраќање денеска им одаде почит на споменот на илјадниците од еврејската заедница во Скопје и другите делови од земјата кои го загубија животот.

– Сите сме свесни дека мора да го одржиме ова мрачно сеќавање во живот и да се погрижиме историјата да не се повтори, не само како должност во однос на споменот на милионите кои што загинале, туку и како голем придонес кон слободните и демокртаските општества, во кои сите сакаме да живееме, рече Кондурос.

Заменик шефот на Мисија во Амбасадата на САД, Ерик Мејер рече дека се посветени да помогнат во изградба на светот во кој се изучуваат лекциите од холокаустот, и во кој се вреднуваат сите човечки животи.

-Ние не само што ги почитуваме и паметиме шесте милиони Евреи, Роми, Словени, лица со попреченост, ЛГБТ лица и други поединци убиени од нацистите и нивни соработници, туку преземаме конкретни активности за борба против загрижувачкиот пораст на семитизмот и негирањето на холокаустот или неговото искривување, рече Мејер.

Претседателката на Собранието на Еврејската заедница во земјава Радојка Хелман-Денковска во обраќањето исто така се осврна на македонските евреи кои се жртви на холокаустот.

– Извршен е најголем геноцид во историјата на човештвото. Злото не познава временска димензија, не познава меридијани, не познава континенти. Холокаустот не се случил таму негде далеку, се случил тука, кај нас. 7144 македонски евреи се жртви на холокаустот. 7144 не е само бројка која не застрашува туку тоа е бројка која не обврзува никогаш да не заборавиме дека не само Евреите, туку секој народ може да биде жртва на човечкото его, лудост и фикција, нагласи Хелман-Денковска.

Не смееме, потенцира таа, да дозволиме индивидуалната геноцидна визија на кој било поединец да биде поддржана и промовирана и повторно да завладее во светот. 

– Повеќе од половина век во душата носиме голема тага, болка и горчина за насилно одземените животи. Холокаустот не е само трагедија на еврејскиот народ, тоа е пропаст на хуманоста. Холокаустот не е само лекција од минатото, туку е лекција за иднината. Тоа е лекција која не учи како да ја сочуваме човечноста во секој еден од нас. Да го паметиме холокаустот во Македонија и логорот на смртта Треблинка, таму се убиени над 900 илјади Евреи, а меѓу нив се и нашите, македонските евреи, рече Хелман-Денковска.

Според координаторката на Европската комисија за борба против антисемитизмот и унапредување на еврејскиот живот, Катарина фон Шнурбеин антисемитизмот не заврши со холокаустот. Денес, како што вели, повторно е во подем, во Европа и пошироко.  

-Мора да се сеќаваме на холокаустот, тоа е неопходно за да се обезбеди дека Европа нема да тргне по истиот мрачен пат како во минатото. ЕУ беше изградена врз пепелта на Холокаустот… Последните преживеани од холокаустот починуваат и Европа станува се помултиетична и разновидна со млади луѓе кои немаат никаква врска со преживеаните од холокаустот, рече Шнурбеин. 

Заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки во своето обраќање денеска посочи дека грижата за сопственото минато е одлика на цивилизираниот свет. Таа потсети дека на Меѓународниот форум за борба против антисеминизмот одржан во Малме во октомври минатата година претседателот Стево Пендаровски презентирал три конкретни обврски, меѓу кои е и посетата на Меморијалниот центар на холокаустот да стане задолжителна за учениците од класовите каде се изучува холокаустот и ова е веќе влезено во соодветниот Правилник на МОН.  

Исто така, како што рече, во рамките на тековната реформа на образовниот процес наставните содржини за холокаустот да се прошират и со теми за антисемитизмот и искривоколчувањето на холокаустот, усвојување на правно необврзувачка работна дефиниција на ИРА за антициганизам, дискриминација против Ромите а која што Владата ќе ја усвои во наредните денови.  

Таа информираше дека документот на ИХРА – Препознавање и справување со искривоколчувањето на холокаустот, препораки за креаторите на политиките и носителите на одлуки со поддршка на Постојаната канцеларија на ИРА беше преведена на македонски, албански, турски и српски јазик и дистрибуиран до надлежните институции.  

-Продолживме со праксата на одржување национални едукативни семинари и работилници со Јад Вашем и со ОБСЕ/ОДИХР, билатерални и трилатерални семинари со Грција, Србија, Бугарија и Албанија, регионален со Централна Европа. Бевме коспонзори на Резолуцијата на Генералното собрание на ОН за негирање на холокаустот усвоена пред само неколку дена, рече Исаки.

Таа ја нагласи цврстата и трајна определба на Владата, неуморно и постојано да работи на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, како и на борбата против атисеминизмот, негирањето и искривоколчувањето на холокаустот, говорот на омраза, лажните вести и други негативни појави со коишто сите се соочуваме.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!