Вие имате прво да ја знаете вистината

Австралија инвестира 630 милиони евра за спас на Големиот корален гребен

Австралиската влада денеска објави дека ќе потроши уште една милијарда австралиски долари (околу 630 милиони евра) за подобрување на состојбата на Големиот корален гребен, откако спречиja да се најде на списокот на загрозено светско наследство.

Критичарите на власта тврдат дека инвестицијата е обид на конзервативната коалиција да го подобри својот рејтинг пред парламентарните избори, додека ништо не се презема за отстранување на најголемата закана за коралите, порастот на температурите на океаните.

Повеќе од половина од таа сума ќе се инвестира во текот на девет години во поправка на ерозијата на почвата долж североисточниот брег на Австралија, подобрување на условите на почвата и намалување на истекувањето на хранливи материи и пестициди во океанот.

Дел од парите ќе бидат доделени на агенцијата која управува со Големиот корален гребен, со цел да се намалат заканите од бодликавата морска ѕвезда и да се спречи нелегалниот риболов. Дел од парите се наменети за истражување на начини за зголемување на отпорноста на гребените.

Во јули минатата година Австралија успеа да ја спречи Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) да го намали статусот на Големиот корален гребен и да го означи како загрозен поради штетите предизвикани од климатските промени.

Две третини од Големиот корален гребен беа оштетени бидејќи екстремно високите температури на океаните во 2016, 2017 и 2020 година што доведоа до таканареченото избелување на коралите, состојба во која тие се значително поподложни на болести и смрт.

УНЕСКО побара од австралиската влада до вторник да достави повеќе информации за тоа што прави за заштита на коралите. Владата денеска соопшти дека ќе испрати одговор во тој рок.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!