Вие имате прво да ја знаете вистината

Зеленски ги повика западните земји да не шират паника: „Постои можност за напад, но …

Украинскиот претседател Володимир Зеленски попладнево ги повика западните земји да не шират „паника“ поради тензиите со Русија, која ја обвинуваат дека подготвува инвазија на Украина, а во исто време побара од Русија да сигнализира дека нема да ги нападне.

Повикот на Зеленски доаѓа во време кога рускиот претседател, Владимир Путин и неговиот француски колега, Емануел Макрон, во телефонски разговор се договориле за „потребата од смирување“ на тензиите, соопшти кабинетот на францускиот претседател.

Повеќе од 100.000 руски војници се распоредени долж украинската граница од крајот на 2021 година, што Вашингтон го прочита како можна инвазија во блиска иднина.

„Можноста за напад постои, таа не исчезна и не е помалку сериозна од 2021 година“, но „мислиме дека ескалацијата не е поголема од минатата година“, рече Зеленски на прес-конференција денеска.

„Не ни треба таа паника“, рече тој, повикувајќи ја Русија „да покаже“ дека нема да нападне.

„Најголемата опасност за Украина во моментов е дестабилизација на ситуацијата внатре во земјата“, рече тој.

Русија негира дека планира да ја нападне Украина, но оценува дека таа е загрозена поради проширувањето на НАТО во последните 20 години и поддршката на Западот за Украина.

Затоа таа го поврза намалувањето на тензиите со напуштањето на НАТО од политиката на проширување, првенствено на Украина, и со враќањето на распоредувањето на западните сили на границата во 1997 година.

САД и НАТО официјално ги отфрлија барањата во средата.

„Одговорот на САД и НАТО не ги зема предвид главните грижи на Русија“, се вели во соопштението на Кремљ по разговорот меѓу Путин и Макрон. „Клучното прашање е игнорирано, имено како САД и нивните сојузници планираат да го применат принципот дека никој не треба да ја зајакнува својата безбедност на штета на другите земји“, рече рускиот претседател.

Елисејската палата објави дека двајцата лидери сепак се согласиле за „потребата од деескалација“ и продолжување на „дијалогот“ во украинската криза.

„Претседателот Путин не изнесе никаков план за напаѓање“, соопшти кабинетот на францускиот претседател.

Европејците и Американците најавија остри санкции доколку Русија ја нападне Украина.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!