Вие имате прво да ја знаете вистината

Лавров: Ако се прашува Русија, нема да има војна

Русија денес испрати силна порака дека не сака војна, иако не е задоволна од одговорот на Западот на нивните безбедносни барања.

„Ако зависи од Русија, нема да има војна. Не сакаме војни. Но, ние исто така не сакаме нашите интереси да бидат газени, игнорирани“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за локалните радио станици.

Русија групира десетици илјади војници на границата со Украина, барајќи од Западот правни гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток и да распореди ракетни системи на украинска територија.

САД и нивните сојузници го предупредија рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе биде строго и брзо економски санкционирана доколку ја нападне Украина.

Лавров рече дека Западот ги игнорира руските интереси, но дека има „барем нешто“ во писмените одговори што САД и НАТО во средата ѝ ги испратија на Русија. Одговорот се уште не е официјално објавен.

НАТО и Вашингтон нагласуваат дека се подготвени за дијалог со Москва за контрола на оружјето и мерки за градење доверба. Тие ги отфрлија другите барања, вклучително и Украина никогаш да не стане членка на Северноатлантскиот договор.

Лавров најави дека во наредните недели ќе се сретне со американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Без да открие повеќе детали, тој рече дека американските предлози се подобри од оние на НАТО.

Утрово, белорускиот лидер Александар Лукашенко, близок сојузник на Москва, исто така беше многу посмирен, велејќи дека неговата земја нема интерес за војна и дека ќе избие само ако Белорусија и Русија бидат директно нападнати.

„Нема да има победник во таа војна, секој ќе загуби, затоа и тоа не го сакаме, имавме доволно војни“, рече Лукашенко, пренесува ТАСС.

„Изгубивме милиони животи во минатите војни, сакаме да живееме и работиме во мир“, заклучи белорускиот лидер.

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва треба да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

„На Путин е да каже дали сака разговор или конфронтација“, рече францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан пред телефонскиот разговор.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!