Вие имате прво да ја знаете вистината

Матарела повторно на чело на Италија: Победи во 8-от круг на гласањето

Италијанскиот претседател Серџо Матарела вечерва е реизбран за нов седумгодишен мандат за шеф на државата.

Тој победи во осмиот круг на гласање во Парламентот, освојувајќи го потребното мнозинство од 505 гласови (просто мнозинство плус еден) од 1.009, објави Асошиетед прес.

Претходно денеска, Матарела се согласи да отслужи втор мандат откако коалициските партии не успеаја да се договорат за компромисен кандидат за таа функција.

Објавувајќи ја својата одлука да остане на функцијата, министерката за регионални прашања Маријастела Гелмини го поздрави „чувството на одговорност и посветеност кон земјата и нејзините институции“ на поранешниот судија на Уставниот суд, пренува италијанска Анса.

Шефовите на парламентарните партии денеска излегоа по средбата со Матарел во претседателската палата, наведувајќи дека „се добро поминало“.

Лидерот на Демократската партија на левиот центар Енрико Лета му се заблагодари на Матарела оценувајќи дека неговата одлука е избор на великодушност кон земјата и дека е суштинска, важна и неопходна.

„Мислам дека е прекрасен ден за Италија и важен за италијанската политика“, рече Лета.

Партиите од владејачката коалиција во Италија денеска соопштија дека се договориле за реизбор на претседателот во заминување Серџо Матарела на таа позиција, плашејќи се за политичката стабилност на земјата во случај неговиот наследник да не се избере, објави претходно агенцијата АФП.

Матарела (80) претходно неколку пати изјави дека нема намера да остане на таа позиција. И покрај тоа, тој во седмиот круг на гласање во парламентот за претседател на земјата доби речиси 400 гласа, а за изборот се потребни најмалку 505 гласа.

Позицијата претседател во Италија е протоколарна, но тој има важна улога во случај на политичка криза во земја каде што политичката сцена е многу фрагментирана.

Претседателот има моќ да го распушти парламентот, да назначи премиер и може да одбие мандат за владење на коалициите што тој ги смета за премногу кревки.

Матарела веќе имаше многу турбулентен седумгодишен мандат, помеѓу политичките кризи и корона вирусот, и не беше подготвен да остане уште еден мандат. Премиерот Марио Драги, како што пренесуваат денешните медиуми, долго време бил на средба со него во обид да го убеди да го прифати новиот мандат.

Судија од Сицилија, кој беше малку познат пред да дојде на претседателската функција во 2015 година, успеваше дипломатски да се справи со тешката политичка ситуација, која ја ценат сите италијански партии.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!