Вие имате прво да ја знаете вистината

МФ: Програмата на економски реформи 2022-2024 со фокус на зелената и дигиталната транзиција, зајакнување на конкурентноста и на човечкиот капитал

Поттикнување зелена транзиција со цел зголемување на уделот на енергија добиена од обновливи извори, зајакнување на човечкиот капитал, како и подобрување на конкурентноста на домашните претпријатија и нивна интеграција во глобалните вредносни синџири, како и формализација на економијата, се клучните столбови на коишто се темели Програмата на економски реформи за следниот тригодишен период, информира Министерството за финансии.

Програмата на економски реформи (ПЕР 2022 – 2024), во којашто се идентификувани клучните предизвици за зајакнување на конкурентноста и растот на економијата беше усвоена на вчерашната седница на Владата, а министерот за финансии Фатмир Бесими официјално треба да ја достави до Европската комисија најдоцна до 31 јануари.

– Во Програмата посебен фокус е ставен на реформите во животната средина во делот на Зелена транзиција, а коишто се однесуваат на справување со цврстиот отпад и отпадните води. Еден од клучните предизвици во следниот период ќе биде енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Притоа, до 2025 година уделот на обновливи извори на енергија во електричната енергија е предвидено да изнесува 46 проценти, се наведува во соопштението.

Според Министерството за финансии, приоритетните структурни реформи, утврдени со ПЕР, треба особено да придонесат за исполнување на економските критериуми за пристапување кон ЕУ.

– Во рамки на идентификуваните предизвици во ПЕР 2022-2024, содржани се 20 реформски мерки што се однесуваат на имплементација на Интелигентен транспортен систем долж Коридорот 10, како и намалување на неформалната економија за што Министерството за финансии спроведува мерки утврдени со Акцискиот план за намалување на сивата економија. Понатаму, мерките ќе бидат фокусирани и на рационализирање на парафискалните давачки, воспоставување информациски систем за управување со државна помош и воспоставување научно-технолошки парк. Воедно ќе се формира и хибриден инвестициски фонд за зелени и дигитални стартап и иновативни мали и средни претпријатија, во чии рамки до 2023 година се очекува да се привлечат 17 милиони евра за инвестиции, се потенцира во соопштението на МФ.

Воедно, потенцираат од таму, како еден од клучните предизвици коишто треба да ја зајакнат конкурентноста и растот на економијата е човечкиот капитал.

– Во Програмата, содржани се и мерки што ќе придонесат за унапредување на човечкиот капитал. Притоа предвидени се мерки за стандардизација и подобрување на флексибилноста на пазарот на труд што ќе се овозможи преку легислативни интервенции во делот на трудовото законодавство, продолжување со активностите за воспоставување на регионалните центри за стручно образование како и усогласување на регулативата и правилата за акредитација и евалуација со европските стандарди во однос на високото образование, како и подобрување на примарната здравствена заштита. До 2024 година е предвидено намалено учество на неформално вработените од 12,8 отсто во вкупниот број на вработени (во 2020 година изнесуваше 13,6 проценти).

Како новитет во ПЕР 2022-2024 е дигиталната трансформација на Управата за јавни приходи преку воспоставување Интегриран даночен информациски систем, при што до 2024 година е предвидено целосно дигитализирање на даночните обврзници.

– Извештајот со оценка за ПЕР 2022-2024, ЕК треба да го објави во текот на април 2022 година, а новите заеднички заклучоци ќе бидат донесени во мај годинава во рамки на состанокот на министерско ниво со кој завршува годинешниот економско-финансиски дијалог меѓу Европската Унија и државите од Западен Балкан и Турција. Програмата на економски реформи е најважен стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и земјите членки на ЕУ. Програмата содржи среднорочна рамка на макроекономската и фискалната политика и структурни реформи што треба да придонесат за зголемување на конкурентноста на економијата и за креирање работни места, се додава во соопштението на МФ.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!