Вие имате прво да ја знаете вистината

Русија загуби милион луѓе: Ваков пад на населението не е забележан од распадот на СССР

Русија загуби милион луѓе во 2021 година, објави денес статистичката агенција Росстат, што е историски пад на населението, невиден од распадот на Советскиот Сојуз.

Демографските проблеми се влошија во пандемијата. Според Росстат, повеќе од 660.000 луѓе починале откако е потврдена првата инфекција во земјата.

Новите бројки го продолжуваат трендот на намалување од претходната година, кога населението на Русија се намали за повеќе од половина милион.

Бројот на починати поврзани со Ковид-19, објавен месечно од Росстат, е далеку поголем од бројот на починати објавени на посебната владина веб-страница посветена на следење на пандемијата во земјата.

Веб-страницата на владата ги разгледува само смртните случаи кај кои вирусот е идентификуван како примарна причина за смрт по обдукцијата и е вкупно 329.443 смртни случаи.

Различни бројки предизвикаа критики дека руската влада ја минимизира сериозноста на пандемијата во една од најтешко погодените земји во светот по бројот на инфекции.

Русија се мачи да се бори со пандемијата поради бавната вакцинација во комбинација со ограничените рестриктивни мерки и затоа што мерката за носење маски на јавни места масовно не се почитува.

Бројот на починати од пандемијата се влошува со демографската криза, поврзана со нискиот наталитет и краткиот животен век, со кои Русија се соочува во последните 30 години.

Стапката на наталитет се намалува бидејќи генерацијата од која луѓето сега стануваат родители е родена во 1990-тите, кога наталитетот падна поради економската неизвесност по распадот на Советскиот Сојуз.

Стапката на фертилитет е приближно 1,5, многу под минималната 2,1 потребна за обнова на населението.

Намалувањето на населението во Русија е највисоко на домашните политички приоритети на претседателот Владимир Путин откако дојде на власт пред повеќе од две децении.

Во обраќањето до нацијата, Путин често ги охрабрува Русите да имаат повеќе деца и да живеат поздрав живот за да живеат подолго.

Владата воведе голем број финансиски стимулации за родителите кои имаат повеќе од едно дете, како што се парични бонуси и поповолни заеми.

На годишната прес-конференција во декември, Путин нагласи дека 146 милиони луѓе не се доволни за земјата од „геополитички аспект“ и дека тоа влијае на недостигот на работна сила.

Тој додаде дека е важно да се покаже дека „радост е да се има деца“ и дека „нема поголема среќа во животот и светот“.

„Демографската криза дефинитивно е неуспех на државната политика“, вели Сергеј Захаров, експерт за демографија од Московското економско училиште.

Захараов изјави за АФП дека мерките за зголемување на наталитетот ги охрабруваат семејствата да имаат деца порано, но не и повеќе деца.

За Степан Гончаров од независната истражувачка организација Левада Центар, ниската стапка на наталитет е поврзана со широко распространета „неизвесност за иднината“.

Животниот стандард во Русија постојано се влошува од 2014 година – економијата беше погодена од повторени санкции од Западот, Русија е зависна од секторот за нафта и гас, а корупцијата е широко распространета.

„Луѓето не престанаа да купуваат, туку им се намалени приходите и заштедите“, рече Гончаров.

Според минатогодишното истражување на веб-страницата за вработување SuperJob, 43 отсто од Русите немаат заштеди.

„Луѓето не ставаат пари на страна и не ја планираат иднината на семејството“, додаде Гончаров.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!