Вие имате прво да ја знаете вистината

70 милиони луѓе погодени од бура: Сообраќајот прекинат, летовите откажани, многумина останаа без струја!

Улиците на градовите во североисточниот дел на Америка, од Њујорк до Мејн, денеска се покриени со до 15 сантиметри снег, а метеоролозите предупредуваат дека снежната покривка може да се зголеми за повеќе од четири пати поради снежна бура проследена со силни ветрови, пренесува Associated press.

Официјалните лица предупредуваат и на опасноста од опширни прекини на струја и поплави во крајбрежните области.

Околу 70 милиони Американци се погодени од оваа „историска“ снежна бура на североистокот на земјата, каде што силниот леден ветер го запре сообраќајот.

Делови од 10-те американски држави и некои густо населени градови – Филаделфија, Њујорк и Бостон, се на патот кон бурата која ќе беснеет во текот на денот.

Како што јави Гласот на Америка (VOA), авиокомпаниите откажаа повеќе од 4.500 летови на некои од најфреквентните аеродроми во земјата, според веб-страницата „FlightAware“, а железничкиот сообраќај од Бостон до главниот град Вашингтон е суспендиран или ограничен.

Експертите велат дека бурата ќе помине низ бомбогенеза, што значи дека се очекува мешање на постуден воздух со потопол морски воздух, што ќе доведе до брзо опаѓање на атмосферскиот притисок. Процесот води до таканаречената циклонска бомба.

Официјални лица од Вирџинија до Мејн ги предупредија жителите да не излегуваат на патиштата поради слабата видливост.

На Род Ајленд, каде е издадено предупредување за снежна виулица, забранет е патнички сообраќај, освен во итни случаи.

Во две од трите окрузи во Делавер, движење на патиштата им е дозволено само витални работници. Во Масачусетс, каде што во некои изолирани области може да паднат и до 76 сантиметри снег, на големите камиони им е забранет влезот на автопатите.

Делови од 10 држави се под предупредување за невреме: Мејн, Њу Хемпшир, Масачусетс, Род Ајленд, Конектикат, Њујорк, Њу Џерси, Делавер, Мериленд и Вирџинија. Најголемо невреме ќе има во подрачјата кои се блиску до брегот, со можен ветер до 113 километри на час.

Во крајбрежниот дел на Њу Џерси може да наврнат и до 46 сантиметри снег, а во источниот дел на Лонг Ајленд 43. Националната гарда е мобилизирана во Мериленд. Вашингтон и Балтимор го избегнаа најголемиот удар на невремето.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!