Вие имате прво да ја знаете вистината

Украина ја повика Русија да ги повлече силите од границата: „Дипломатијата е единствениот можен начин“

Украина денес ја повика Русија да ги повлече своите сили натрупани долж границата на двете земји и да го продолжи дијалогот со Западот доколку таа „сериозно“ сака да ги намали тензиите.

„Ако руските лидери се сериозни кога велат дека не сакаат нова војна, Русија мора да продолжи со дипломатските напори и да ги повлече силите акумулирани долж границата со Украина и на привремено окупираната украинска територија“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.

„Дипломатијата е единствениот можен начин“, додаде Кулеба.

Русија распореди повеќе од 100.000 војници и тешко оружје во близина на украинската граница, објавија западните земји, стравувајќи од можна инвазија.

Москва негира дека сака да ја нападне Украина, велејќи дека не сака војна, туку гаранција од САД и НАТО за нејзината безбедност, особено дека Украина нема да биде членка на Алијансата и дека Вашингтон нема да отвори нови воени бази во поранешната советски републики.

Русија „не сака да биде во позиција во која нејзината безбедност е редовно загрозена“, како што би било случај ако Украина се приклучи на НАТО, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Во телефонски разговор со францускиот колега Жан-Ив Ле Дриан, министерот за надворешни работи на Украина во саботата го повика Западот да биде „внимателен и решителен во контактите со Русија“, велејќи дека е за „политичко и дипломатско решение“ на кризата.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!