Вие имате прво да ја знаете вистината

Ковачевски: СДСМ прва го поддржа предлогот за една изборна единица, нов изборен модел треба да дефинираат работни групи и експерти

СДСМ е прва која го поддржа предлогот на помалите политички партии за една изборна единица, и тоа е наша програмска определба. Не може да биде предлог на ВМРО-ДПМНЕ, туку на СДСМ. Тие се сега гласни по тоа прашање зашто со ништо не се занимаваат освен со барања за предвремени избори, а нив ќе ги има во 2024 година, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на училишта во Прилеп, тој денеска оцени дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е несериозна зашто постојано повикува на  предвремени избори во време на пандемија и во најголема енергетска криза во Европа и кога е се уште присутна економска криза.

-Несериозно е зашто парламентарни избори имавме пред само една година, во 2020-та, кога се дефинираше комплетно легитимно парламентарно мнозинство кое сега е проширено со Алтернатива и има 64 пратеници во Собранието, рече Ковачевски, додавајќи дека СДСМ и коалициските партнери се зафатени со решавање на предизвиците претставени во владината програма  што беше изгласана овој месец и дека се работи на приоритети – прво пандемијата, потоа енергетската криза, топлинската криза во град Скопје и економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните и стопанството.

Процесот за нов Изборен законик односно на моделот на избори, рече Ковачевски, треба да биде прво во работни групи кои ќе го дефинираат, а притоа ќе бидат вклучени експерти и стручна јавност со цел да бидат видени, како што рече, сите предвидувања како ќе изгледа изборниот процес врв основа на претпоставен нов изборен модел.

-Изборниот законик секогаш се носи со консензус. ВМРО-ДПМНЕ излезе со нивни предлог како треба да изгледа една изборна единица, но нивниот коалициски партнер Алијанса имаше друг став по тоа прашање. Што се однесува на барања за промена на Уставот и за промена на број на пратеници, веднаш излегоа со барања и други политички партии што значи дека за такви барања треба да се седне  и да разговараат сите партии во однос на уставни промени. Тоа е процес кој трае подолг период и за кој е потребно да се отвори постапка што потоа поминува низ филтри на различни институции во државата и низ консултативен процес, истакна премиерот Ковачевски. 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!