Вие имате прво да ја знаете вистината

Митрески: За сите измени во Изборниот законик треба да се обезбеди консензус

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески на денешната прес-конференција во Собранието истакна дека за укинување на техничката или т.н. „пржинска“ влада, но и за сите прашања во врска со измените на Изборниот законик треба да се обезбеди консензус.

Митрески рече дека ставот на СДСМ околу оваа прашање е јасен и посочи оти ВМРО-ДПМНЕ таков консензус досега нема обезбедено ниту со „нивниот коалициски партнер Алијансата за Албанците“.

– За сите овие прашања треба да разговараме, треба да се отвори дијалог, за да обезбедиме консензус. Начинот можеме да го најдеме. Имаме време за тоа, со оглед на тоа што изборите ќе бидат во 2024 година. Заедно сите со консензус да обезбедиме квалитетни законски решенија што ќе значат поголема демократизација на државата, рече тој.

Митрески потенцира дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бројот на пратеници е лицемерно, бидејќи како што рече, до пред три години дополнително воведе три пратеници од дијаспората, а сега бара нивно намалување. Тој додаде и оти со Уставот е регулирано дека бројот на пратеници може да биде од 120 до 140.

– Прво, зборуваат за намалување на бројот на пратеници, а сите знаеме дека до пред три години имавме дополнителчно уште тројца пратеници од дијаспората, со што нивниот став се докажува дека е лажен и лицемерен. Дополнително кога зборуваме за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, сите знамеме дека за тоа треба да има уставни измени, односно во Уставот е регулирано дека бројот на пратеници може да биде од 120 до 140 пратеници. Освен што се лицемерни и лажат, со отворањето на Уставот прават дополнителна штета на државата затоа што во овие турбулентни времиња за тоа прашање треба посериозен разговор помеѓу сите политички партии, помеѓу сите пратенички групи. Разговор кој треба да обезбеди консензус пред да се даваат какви било изјави и пред да се пуштат какви било предлози и на собраниската процедура, но меѓутоа и во јавноста, додаде Митрески.

Тој потенцира и дека предлогот за една изборна единица датира уште од 2016 година и „лицемерието и лажењето на ВМРО-ДПМНЕ“ е што сите знаат дека тој пред изборите во 2020 година беше блокиран со илјадници амандмани од оваа партија.

– Ние и тогаш во 2016 година кажавме дека сме за една изборна единица и дека треба да разговараме за сите модалитети на таа една изборна единица. Прво, гледате дека и денеска има различни ставови – едни зборуваат за една изборна единица со праг, а други без праг. Може да се отвори прашањето и колкав треба да биде тој праг 2 или 2,5 отсто, дали од запишаните, дали од излезените гласачите. Се отвора прашањето и за помалите етнички заедници, односно за гарантираните места на помалите етнички заедници. Тоа е сложен процес за кој треба да обезбедиме консензус од сите. Најдобро ќе биде за сите ако направиме нешто што значи поголема демократизација на македонското општество, рече Митрески.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!