Вие имате прво да ја знаете вистината

Во Германија и минатата година намалена потрошувачка на пиво, Германците се помалку пијат

Германците и минатата година ја намалија потрошувачката на пиво, со што го продолжија трендот на намалување на производството и потрошувачката на пиво во Германија, кој трае веќе триесет години, беше објавено денес.

„Минатата година германските пиварници произвеле и продале 8,5 милијарди литри пиво, што е за 2,2 отсто помалку отколку во 2020 година“, соопшти Федералното биро за статистика во Визбаден.

Ако се земе предвид домашниот пазар, продажбата на пиво паднала за 3,4 отсто, на 7 милијарди литри.

Ова е најниското количество пиво консумирано во Германија од воведувањето на статистиката. Потрошувачката на пиво е намалена за 23,9 отсто од 1993 година, кога се реформираше законот за оданочување на пивото.

Посебен пад на продажбата е забележан во јануари и февруари минатата година, кога во Германија беа на сила строгите мерки за затворање, а карневалот, кој традиционално придонесува за зголемена потрошувачка на пиво, беше откажан. Во 2020 година, карневалските церемонии сè уште се одржуваа бидејќи мерките за затворање започнаа дури во март.

Во двете пандемични години, беа откажани други големи настани поврзани со консумирање пиво, како што е познатиот фестивал на пивото Октоберфест.

Светла точка за пиварниците е зголемувањето на извозот од четири отсто. Но, од овој тренд имаат корист само големите пиварници, кои се извозно ориентирани, додека малите погони се ориентирани кон домашната потрошувачка и понудата на локални ресторани, кои се особено погодени од пандемијата.

На ова треба да се додаде и поскапувањето на состојките како хмељ и јачмен.

„Производството на пиво никогаш не било толку скапо како денес“, вели сопственикот на пиварницата „Велтинс“, Мајкл Хубер.

Неколку големи пиварници во Германија веќе најавија зголемување на цените на пивото.

Во Германија, според последните податоци на Здружението на пивари за 2020 година, работеле 1.528 пиварници.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!