Вие имате прво да ја знаете вистината

Во Италија од денеска казни за сите невакцинирани над 50 години

Во Италија од денес ќе стапат на сила новите ограничувања поврзани со епидемијата на коронавирус, вклучително и казни за невакцинирани лица постари од 50 години, мерка која ќе важи и за странците кои живеат во земјата.

Луѓето кои влегуваат во Италија од други земји на ЕУ кои обезбедуваат доказ за целосна вакцинација или потврда дека се опоравиле од Ковид-19, нема да бидат обврзани да направат негативен тест како предуслов за влез во земјата.

Поради многу заразната варијанта, тест за омикрон досега беше задолжителен за сите, без разлика на вакциналниот статус.

Од почетокот на јануари, вакцинацијата против Ковид-19 е задолжителна за лицата над 50 години.

Од денес, лицата од оваа возрасна група кои сè уште не биле вакцинирани – или не примиле втора доза или бустер доза и покрај тоа што имаат можност да го сторат тоа – ќе бидат казнети со 100 евра.

Мерката останува на сила до 15 јуни и се однесува на сите жители на возраст над 50 години, вклучително и странски државјани.

Од 15 февруари и оваа возрасна група ќе треба да достави доказ за вакцинација или закрепнување од болестта за да може да одат на работа и ќе бидат принудени да работат од далечина доколку не се во можност да го сторат тоа.

Оние кои ќе ги прекршат мерките се соочуваат со казни од 600 до 1.500 евра.

Промени има и кога станува збор за купувањето и пазарењето.

Од денес посетителите на книжарниците, банките или канцелариите ќе треба да покажат потврди за вакцинација или прележан ковид.

Тоа не е случај во супермаркетите и аптеките.

Во Италија, која има околу 60 милиони жители, речиси 81 отсто од вкупното население се вакцинирани против Ковид-19.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!