Вие имате прво да ја знаете вистината

Дејвид Атенборо, СЗО и Светлана Тихановска се меѓу кандидатите за Нобеловата награда за мир

Британскиот натуралист Дејвид Атенборо, Светската здравствена организација и белоруската опозиционерка Светлана Тихановска се меѓу номинираните за овогодинешната Нобелова награда за мир, откако добија поддршка од норвешките пратеници.

Илјадници луѓе имаат право да номинираат кандидати, од пратеници во парламентот до поранешни добитници на наградата.

Кандидатите номинирани од норвешките пратеници победуваат секоја година од 2014 година, со исклучок на 2019 година.

Минатата година, една од победниците беше Марија Реса, филипинска новинарка која беше и нивен кандидат.

Норвешкиот Нобелов комитет, кој одлучува за конечниот добитник, не ги коментира номинациите и не ги открива имињата на кандидатите и оние кои ги номинирале веќе 50 години. Но, понекогаш тоа го прават норвешките пратеници.

Дејвид Атенборо е 95-годишен британски натуралист познат по неговите документарни филмови за природниот свет.

Кон крајот на минатата година, неговиот говор на конференцијата за климатски промени COP26 во Глазгов одекна и тој беше номиниран заедно со Меѓувладината научно-политичка платформа за биодиверзитет и системски услуги (IPBES).

Тие беа номинирани за нивната работа на „информирање и заштита на природната разновидност на Земјата, неопходна за одржливи и мирни општества“, рече лидерот на Норвешката Зелена партија Уна Бастолм.

На еколозите во минатото им беа доделени Нобелови награди, како што се кенискиот активист Вангари Матаи или поранешниот американски потпретседател Ал Гор.

Во годината во која светот беше преобликуван од пандемијата на коронавирус, повторно беше номинирана Светската здравствена организација.

Втор пат по ред е номинирана лидерката на белоруската опозиција во егзил, Свјетлана Тихановска.

Таа е кандидат за демократија и слобода во својата земја поради нејзината „храбра, неуморна и мирна работа“, изјави конзервативниот парламентарец Харек Елвенес.

Други кандидати откриени од пратениците се рускиот активист Алексеј Навални, Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Викиликс и Челзи Менинг и НАТО.

Победникот за 2021 година ќе биде објавен во октомври оваа година.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!