Вие имате прво да ја знаете вистината

Се чека само еден знак; „Повлечете се ако не сакате војна“

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен му рекол на својот руски колега Сергеј Лавров дека е време руските трупи да се повлечат од границата со Украина.

„Секретарот Блинкен му рече на министерот за надворешни работи Лавров дека ако претседателот Путин навистина нема намера да војува или да ја смени владата во Украина, тогаш сега е време да ги повлече руските трупи и тешкото вооружување и да започне сериозна дискусија… која може да промовира колективна европска безбедност“, рече американски функционер за време на неформалниот состанок со новинарите, повикувајќи се на анонимност, пишува Ројтерс.

Блинкен во денешниот телефонски разговор со Лавров ја повика Русија „итно да ја деескалира“ ситуацијата и да ги повлече војниците и опремата од украинските граници, соопшти претходно Стејт департментот.

Тој рече дека САД се подготвени да продолжат со „суштинската размена“ на позиции со Русија по повод меѓусебните безбедносни грижи, се додава во соопштението на Стејт департментот, што го пренесе Ројтерс.

На крајот на минатата година, Москва испрати барања за безбедносни гаранции од САД и НАТО, во кои, меѓу другото, бараат запирање на натамошното проширување на Северноатлантската алијанса на исток, како и гаранции дека Украина нема да стане членка на Алијансата. На 26 јануари САД и НАТО доставија писмени одговори до Москва, а Русија пак потоа објави дека размислува за одговорот на Вашингтон, наведувајќи дека САД и НАТО не одговориле на главното прашање за непроширување на НАТО на исток.

Западот ја обвинува Русија дека подготвува напад врз Украина, додека Москва категорично го отфрла.

САД го одби клучното барање на Русија за договорите за неделива безбедност да се спроведуваат одговорно, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Што се однесува до клучното прашање кое генерално не поттикна да се свртиме кон Соединетите Американски Држави и Северноатлантскиот договор, реакцијата беше негативна. Мислам конкретно на нашите барања дека сите мора одговорно да го спроведуваат неделивиот безбедносен договор постигнат во рамките на ОБСЕ во Истанбул во 1999 година и во Астана во 2010 година“, изјави високиот руски дипломат.

Тој, исто така, рече дека Москва ја завршува меѓуресорската координација во однос на предлозите на Вашингтон, добиени во процесот на безбедносните дискусии. После тоа, како што прецизира Лавров, ќе следи извештај до претседателот Владимир Путин. „Во оваа фаза ја завршуваме меѓуресорската координација во врска со предлозите на САД во врска со други безбедносни прашања. После тоа ќе поднесеме извештај до нашиот претседател“, рече рускиот министер, пренесе ТАС.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!