Вие имате прво да ја знаете вистината

Синот на Аки Рахимовски во Македонија: Дојдов анонимно да ја видам баба ми, а го посетив и гробот на Тоше Проески

Македонија му оддаде почит на никогаш непрежалениот „македонски славеј“ Тоше Проески, кој на 25 јануари го прослави својот 41 роденден. Имено, на иницијатива и покана на министерката за култура на Република Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска и на градоначалникот на Крушево, Томе Христивски, да ја посети спомен куќата на Тоше Проески во Крушево и да запалат свеќи на гробот на (над)народниот музички херој, во Македонија пристигнал Кристијан Кики Рахимовски.

На гробот на Тоше, во интимна и многу достоинствена атмосфера, се помолија и се присетија на ликот и делата на вистински музички великан, кого со години ќе го славиме слушајќи и пеејќи ги неговите песни, и вечно ќе тагуваме.

По најнеочекуваниот гест на министерката за култура на Македонија, само неколку дена откако во Алејата на Великаните го испрати својот татко, Кристијан Кики Рахимовски особено беше трогнат од поканата за посета на спомен куќата на Тоше.

Во Скопје веќе постои иницијатива за именување на улица по Аки, кој дел од својот живот и образование го помина во Скопје.

Во име на целото семејство Рахимовски, Кристијан се заблагодари на министерката и на Република Македонија, како и на сите оние кои го сакаа и го почитуваа неговиот татко, Аки.

Тој ја посетил и својата баба за време на посетата на татковината Македонија.

„Ве молам, разберете ме. Никој, а особено не мојот покоен татко и нашето семејство, сега немаат потреба од медиумски циркуси. Нему и нам сега ни треба само мир и молитви во нашите души, затоа ве замолувам да останете достоинствени и да ги почитувате неговите и нашите желби. Дојдов овде анонимно и приватно прво да ја посетам и видам баба ми уште еднаш, а потоа добив покана од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска…за што сум бескрајно благодарен и почестен. Нема место за медиумски озборувања и тези кои сега ги преплавуваат социјалните мрежи за тоа како ќе го „наследам“ татко ми во Парни Ваљак затоа што никој не може да го замени татко ми, а не можам ниту јас. Ако некој некогаш ме покани некаде да му испеам песна или две на татко ми, секогаш со задоволство ќе го направам тоа од дното на душата, но немам намера да ја градам кариерата на името на татко ми, ако ме разбирате … Јас, кога малку ќе го оджалам татко ми, и ќе соберам сили, ќе влезам во студио и ќе продолжам по патот, компонирајќи и пеејќи ги моите песни, бидејќи тоа би го сакал татко ми“, рече Кики Рахимовски.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!