Вие имате прво да ја знаете вистината

Одадена почит на Гоце Делчев, великанот на борбата за независна македонска држава

По повод одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце Делчев, бројни делегации положија цвеќе на гробот на корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава во црквата Свети Спас во Скопје.

Венци положија и се поклонија петседателот Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски во состав Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска, владина делегација составена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски.

На гробот на Гоце Делчев цвеќе положија и претставници на Армијата, делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од претседателот Христијан Мицкоски, на Светскиот македонски конгрес, на Матицата на иселениците, на општини, здруженија и граѓани.

Цвеќе на гробот на Гоце Делчев во 13 часот во Скопје ќе положат и делегации од Бугарија. Бугарската делегација во земјава ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, која ќе положи цвеќе на централната свеченост по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.

Во состав на бугарската делегација, ќе бидат и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова и претседателот на парламентарната комисија за култура Тошко Јорданов.

Одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Делчев продолжува напладне во НУ Музеј на македонската борба, каде што претседателот Стево Пендаровски ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“, што ја организира Државниот архив на Северна Македонија, а е под покровителство на шефот на државата.

Изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално – ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација. Авторите на изложбата, користејќи богата архивска документација, го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од с. Баница преку Софија до главниот град на современата македонска држава, Скопје. На јавноста ќе ѝ бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев за чествувањето на неговото име и дело во времињата што доаѓаат.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!