Вие имате прво да ја знаете вистината

Мароко во целосен шок по трагичниот крај на големата спасувачка акција на момчето Рајан

Мароко е во шок откако спасувачките тимови го извадоа мртво петгодишното момче на дното на бунарот, во трагичен крај на тешката петдневна операција за спасување што го следеше целиот свет.

Тешката судбина на малиот Рајан го привлече вниманието и симпатиите на целиот свет откако во вторникот попладне падна во бунарот.

За време на операцијата за спасување од дното на бунар длабок 32 метри, властите предупредија дека не знаат дали е сè уште жив, а потоа кралската палата објави дека е пронајдено мртво.

„По трагичната несреќа што го чинеше Рајан Орама живот, неговото височество кралот Мухамед Шести ги повикал кај себе родителите на починатото момче“, стои во соопштението на кралскиот двор.

До саботата попладне, спасувачките тимови користеа булдожери и багери за да ја ископаат земјата до длабочината каде што беше заробено момчето, а потоа почнаа да дупчат хоризонтален тунел за да стигнат до него од страна.

Но, процесот беше значително забавен бидејќи спасувачите мораа да работат рачно за да избегнат какви било вибрации кои би можеле да доведат до лизгање на земјиштето врз несреќното момче, соопштија локалните власти.

Илјадници луѓе се собраа и во знак на солидарност дури кампуваа пред местото на настанот во последните денови, каде тензијата можеше да се сече со нож.

Некои ракоплескаа за да ги охрабрат спасителите, пееја религиозни песни или се молеа, пеејќи едногласно „Алаху акбар“ (Бог е најголем).

Работниците се обиделе да му достават кислород и вода на момчето, но не било јасно дали може да ги искористи.

Родителите на момчето биле видени како одат по хоризонталниот тунел, видно скршени, пред да се вратат и да ја напуштат брзата помош без збор.

Семејството допрва треба да го објави датумот на погребот, но според муслиманската традиција тој треба да се одржи наскоро, начелно во недела.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!