Вие имате прво да ја знаете вистината

Хелсиншки комитет: Пропустите на гостиварското училиште да не се прикриваат со повторна дискриминација на Ембла

Хелсиншкиот комитет реагира на изјавата на гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, дадена по вчерашниот состанок помеѓу претставници на Општина Гостивар, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и родителите кои поднеле петиција за отстранување на Ембла Адеми од одделението каде учат нивните деца, со која тој најави дека “како институција ќе побараме уште еднаш да се направи категоризација за Ембла, по што ќе се донесе конечен заклучок со препорака дали таа ќе следи настава преку инклузија или во паралелка за деца со посебни потреби”.

-Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост во однос на оваа изјава од страна на градоначалникот со која наместо да се отстранат и коригираат недостатоците од делувањето на директорот и наставниот кадар, прстот повторно се вперува во ученичката. Имајќи предвид дека секое дете со попреченост поминува процес на проценка на неговата функционалност врз основа на која се утврдува видот на поддршка која му е потребна за вклучување во редовното основно образование, не постои основа за барање на повторна категоризација на ученичката, која само би довела до дополнително стигматизирање на децата со попреченост. Училиштето има законска обврска да обезбеди соодветно приспособување на наставниот процес врз основа на направената проценка и да обебеди соодветна поддршка, како во случајот обезбедување на образовна асистентка, со што ќе овозможи соодветно вклучување на ученичката во наставата, стои во реакцијата на здружението за заштита на човекови права и слободи.

Воедно, се додава, во меѓувреме со извештајот од спроведениот вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат во училиштето беа утврдени пропусти при преземањето на соодветни мерки за вклучување на учениците со попреченост во воспитно-образовниот процес, со барање за разрешување на директорот на училиштето Зијадин Нуредини, како и казна за непостапување по овластување.

-Оттука, Хелсиншкиот комитет апелира до градоначалникот да се воздржи од давање на нестручни и неосновани изјави кои не се во согласност со Законот за основно образование и доведуваат до дополнително дискриминирање на децата со попреченост, туку да ги насочи своите напори на обезбедување на соодветно образование за ученичката. Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи случајот, а особено понатамошното постапување во однос на утврдените пропусти и соодветното вклучување на Ембла во образованиот процес, во согласност со Законот, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет. 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!