Вие имате прво да ја знаете вистината

Главниот град на Канада целосно блокиран веќе 12 дена, премиерот на државата порача: Некој сака да ја уништи демократијата и економијата на нашата држава!

Возачите на камиони протестираат веќе 12 дена во Отава, главниот град на Канада, како револт против владината одлука за задолжителна вакцинација против вирусот Ковид-19 на возачите кои ја минуваат надвор од границата на таа држава.

Камиони паркирани на главните градски патишта го нарушија секојдневниот живот на жителите на Отава изминатите 12 дена.

Заменик-началникот на полицијата во Отава, Стив Бел изјави дека во четвртина од околу 400 камиони паркирани во центарот на градот има и деца заедно со камионџиите и дека се загрижени за нивната безбедност.

Загрижени сме за децата кои се изложени на јаглерод моноксид, чад, бучава и студ. Загрижени сме и за пристапот на овие деца до здравствени услуги во случај на потреба од истите како и нивната хигиена и соодветните потреби од храна, изјави Бел и додаде дека побарале помош од Здружението за помош на децата во Канада.

Според канадскиот закон, во случаи кога полицијата бара помош од релевантното здружение, децата се одземаат од нивните семејства и се даваат на згрижувачки семејства.

Од 29 јануари, кога почна протестот на камионџиите, 23 лица се приведени под различни обвиненија. Исто така, повеќе од 1.300 лица се казнети во изминатите 12 дена поради прекршување на одредени закони.

Полицијата соопшти дека мажите најчесто биле приведувани и казнувани во некои случаи за давање отпор на полицијата, обид за бегство од полицијата, поседување дрога, возење без дозвола или кршење на условната казна, но и поради закани кон службениците.

Најпрометниот граничен премин помеѓу САД и Канада остана затворен во вторникот, соопшти канадската гранична агенција, откако возачи на камиони ги блокираа пристапните патишта до истиот.

Канадскиот премиер Џастин Трудо се појави во јавноста во понеделникот за прв пат по повеќе од седум дена откако беше заразен со вирусот Ковид-19 и изјави дека протестите мора да престанат.

Поединци се обидуваат да ја запрат нашата економија, нашата демократија и секојдневниот удобен живот на граѓаните, изјави Трудо во вторникот, додавајќи дека тоа мора да престане.

Возачите бараат укинување на одлуката на Федералната влада на Канада за задолжителна вакцинација на камионџиите против вирусот Ковид-19. За потсетување, протестите започнаа на 29 јануари со блокада на улиците на канадската престолнина Отава.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!