Вие имате прво да ја знаете вистината

Кремљ гледа „позитивни сигнали“ по посетата на Макрон на Киев: „Слушаме дека и Зеленски е подготвен“

Кремљ денес соопшти дека ги гледа првите „позитивни сигнали“ по посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Украина, во врска со конфликтот меѓу Киев и проруските сепаратисти.

„Имаше позитивни сигнали кога станува збор за одлуката на Украина да дејствува само врз основа на договорот од Минск, што е плус“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Но, слушнавме дека претседателот Зеленски рече дека е подготвен брзо да се посвети на тоа“, додаде тој.

Москва ја обвинува Украина дека одбила да ги спроведе договорите од Минск од 2015 година, со кои би требало да се стави крај на војната во Донбас, во источна Украина, во која загинаа повеќе од 13.000 луѓе за осум години, според ОН.

Русија, иако негираше, се смета дека е одговорна за поттикнување конфликт преку обезбедување воена и политичка поддршка на сепаратистите.

Во понеделникот, пред да го посети Киев, Макрон разговараше и со рускиот претседател Владимир Путин.

По средбата Макрон рече дека Путин му ветил дека тој нема да биде „причина за ескалацијата“.

Русија распореди околу 100.000 војници на границата со Украина, но негира дека се подготвува за напад.

Политичките советници на лидерите на Украина, Русија, Германија и Франција ќе се сретнат во четврток во Берлин во обид да го обноват мировниот процес во Донбас. Ќе разговараат и за евентуален самит на лидерите на четирите земји.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!