Вие имате прво да ја знаете вистината

По средбите на Макрон со рускиот и украинскиот претседател се очекува негова средба и со претседателот на САД, Џо Бајден!

Американскиот претседател Џо Бајден има намера наскоро да стапи во контакт со францускиот претседател Емануел Макрон.

Ќе продолжиме да бидеме во близок контакт со нашите француски колеги за можната закана од руска инвазија на Украина, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Во текот на претходната недела, во екот на кризата помеѓу Западот и Русија, Бајден и Макрон телефонски разговараа двапати.

Макрон во понеделникот се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, а во вторникот разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Сето ова се случува во контекст на актуелната криза и напорите за намалување на тензиите долж границата помеѓу Украина и Русија.

Макрон во вторникот пред новинарите изјави дека во разговорите со Путин ја исполнил својата цел да спречи ескалација на кризата и истакна дека верува дека може да се преземат чекори кон де-ескалација и ги повика сите страни да се смират и да заземат активно учество во дијалогот.

Смиреноста е клучна за сите страни, и со зборови и со дела, јавно го пофалувам Зеленски за смиреноста што ја покажува тој и украинскиот народ, во светло на воениот притисок врз границите и земјата, изјави Макрон.

Тој додаде дека и Путин и Зеленски му кажале дека се посветени на почитување на договорот од Минск од 2014 година и нагласи дека договорот содржи начин за решавање на актуелниот спор.

Таа заедничка определба е еден начин што ќе ни овозможи да постигнеме мир и одржливо политичко решение во тој регион од Европа, изјави францускиот лидер на прес-конференцијата со Зеленски.

Макрон отпатува од Киев во Берлин, каде што се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц, кој на новинарите пред почетокот на разговорите им изјави дека заедничката цел е да се спречи војна во Европа.

Нашата проценка за ситуацијата е единствена, како и ставот дека секој дополнителен напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина е неприфатлив и ќе предизвика големи последици за Русија, како политички, економски и геостратешки, нагласи Шолц.

Макрон претходно го оправда исходот од разговорите во Москва, каде што немаше голем напредок, а на новинарите им изјави дека во ниту еден момент не очекувал Путин да направи отстапки.

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба во понеделникот на социјалната мрежа Твитер напиша дека неговата земја бара дипломатски решенија, но нема да ги премине црвените линии на Украина.

Тој изјави дека Украина нема да направи никакви отстапки во однос на нејзиниот суверенитет или територијален интегритет, дека нема да води директни преговори со руските окупациски администрации во источните провинции Доњецк и Луганск и дека само народот на Украина има право на избор.

По состанокот со Макрон во понеделникот, Путин изјави дека Русија ќе стори се за да најде компромиси во кризата со Западот околу Украина. 

Што се однесува до нас, ќе направиме се за да најдеме компромиси кои одговараат на сите, истакна Путин. 

Тој посочи дека нема да има победник доколку избие војна на европскиот континент.

Русија распореди повеќе од 100.000 војници долж источната граница на Украина зедно со нејзиниот сојузник Белорусија, а Западот стравува дека Путин може да нареди инвазија во секој момент. Франција, САД и нивните сојузници во НАТО го отфрлија барањето на Москва да се исклучи можното членство на Украина во западниот воен сојуз по Втората светска војна.

Бајден во понеделникот изјави дека клучниот европски гасовод, Северен тек 2, нема да напредува доколку Русија ја нападне Украина, бидејќи тој го пречека германскиот канцелар Шолц во Белата куќа и заедно излегоа со овој став.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!