Вие имате прво да ја знаете вистината

Регионот посветен на изградба и обнова на железничките коридори

Сите влади од регионот остануваат посветени на изградба и обнова на железничките коридори, порача денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пред првиот состанок на мрежата на компании за железничка инфраструктура од Западен Балкан, што во организација на Секретаријатот на транспортната заедница, се одржува денеска во Скопје.

На првата средба на директорите на железничките претпријатија за железничка инфраструктура од регионот се разговара за поврзувањето и за идните планови во делот на железничката инфраструктура.

-Сметам дека ова е многу значајна година посебно и за Република Северна Македонија, но и за целиот регион заради тоа што даваме максимални напори и при крај сме со избор на компании коишто ќе започнат со градба на источниот крак на Коридор 8, инвестиција со вредност од некаде 200 милиони евра и е многу значајно за поврзувањето, за ефикасноста во делот на транспортот, за отворање нови можности помеѓу Македонија и Бугарија, но и за целиот регион, а секако и продолжувањето на сите останати прашања во делот на изградбата на третата делница од оваа железничка пруга и секако западниот крак од наша страна и сите прашања коишто се отворени за Албанија и Бугарија во делот на железниците, изјави Бочварски.

Ова, порача, е многу значајно заради ефикасноста во овој транспорт, заради зелената агенда која што ја имаме и ние како Влада, но и сите влади од регионот.  Мора да дадеме до знаење дека ова се големи проекти коишто бараат многу време за проектирање и градба. Но, драго ми е што сите влади од регионот остануваат посветени на изградба и реконструкција и рехабилитација на железничките коридори, нагласи Бочварски.

Според него, и покрај тековните кризи, здравствена и енергетска, има подготвеност и тимови кои работат на изградбата на коридорите.

-Се наоѓаме во моментов во големи кризи и здравствена  и енергетска, но активно работиме сите постапки да земат замав.  Токму поради тоа и оваа конференција денеска го дава одговорот на ова прашање дека имаме подготвеност, тимови, луѓе коишто работат на изградбата на овие коридори коишто се согласувам дека досега требало да бидат изградени, Подготвени сме кон Бугарија да изградиме 36 тунели и преку 80 мостови за оваа пруга да стане функционална и тоа ќе го направиме без задршка заради тоа што е иднината на регионот – да се поврземе со сите наши соседи. Само како вкупна сума на чинење источниот и западниот крак се во вредност од преку 1,1 милијарда евра инвестиција во делот на Коридорот 8 и тоа сме подготвени да го направиме паралелно со рехабилитациите коишто следуваат на постоечките железнички пруги. Но, работа имаат и останатите земји и Бугарија и Албанија за да се поврзат со нашата земја да биде овој комплетен Коридор за поврзување Исток – Запад, рече Бочварски. 

Работите на првите две делници од пругата кон Бугарија се очекува да започнат напролет, а да бидат завршени во рок од 36 месеци, додека рокот за третата делница е 48 месеци. – Очекуваме да почне да се гради 2023 година и секако целиот комплекс на Исток и Запад поврзување на железничката пруга и во Албанија и во Бугарија и во РСМ треба да заврши до 2030 година согласно Меморандумот којшто го потпишавме во Софија министрите за транспорт кон крајот на минатата година, наведе Бочварски.

Според директорот на Македонски железници Хари Локвенец, успехот во изградбата на железничката инфраструктура зависи посебно од регионалната соработка.

-По примерот на Европската платформа (ПРАИМ), а преку спроведување на Договорот за транспортна заедница од септември 2017 година од Трст и преку потпишаниот Меморандум за заемна соработка од минатата есен денеска во Скопје се формира Мрежата на менаџери на железничката инфраструктура на Западен Балкан. Мрежа која преку заедничка координација ќе помогне во справување со сите предизвици во патот кон полноправно членство на сите наши држави, изјави Локвенец.

Преку оваа мрежа, како што напомена, прво ќе ја оптимизираат мрежата во регионот – инфраструктурата на железничката мрежа во регионот, ќе ги лоцираат и ќе се обидат да ги отстранат тесните грла, а распределбата на ресурсите би се случувала од една страна.

-Оваа мрежа ќе ја искористиме и за усогласување  на нашите законски регулативи со европските норми и прописи и последно, а можеби и најважно преку оваа мрежа со заемно договорени регионални проекти на европските средства и фондови ќе ни бидат подостапни. Сето ова во интерес не само на нашите граѓани во нашите држави, туку разгледувајќи и зборувајќи за целиот регион, додаде Локвенец.

Матеј Закоњшек, директорот на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница изјави дека денешниот состанок го спојува целиот регион, и како што рече, истиот е од големо значање за поврзување на железничкиот сообраќај.

Тој напомена дека доколку сакаме да имаме железнички сообраќај кој ќе биде економски одржлив важно е сите заедно да работиме.

-Среќен сум што денеска заедно со министерот Бочварски работиме на овој проект, што претставува поврзување не само на Северна Македонија со Западен Балкан, туку и поврзување на самата Европа. Сите заедно треба да работиме за да конечно испорачаме модерен, безбеден и брз железнички сообраќај за целиот регион, порача Закоњшек пред почетокот на состанокот.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!