Вие имате прво да ја знаете вистината

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски им се извини на новинарите

За каков било ненамерен пропуст што се случил при денешната посета и средба меѓу нас и бугарските колеги би сакал да се извинам, изјави денес министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски пред почетокот на прес-конференцијата во Клубот на пратениците каде се одвиваше средбата со неговиот бугарски колега Николај Сабев, како и со туроператорите од двете држави.

Бочварски истакна дека ќе има уште многу настани како денешниот кои ќе бидат прилика владите и институциите да ги поправат сторените пропусти.

Ова е прв лет Скопје – Софија, а ние рековме дека ги отвораме вратите и ве уверуваме дека ќе има уште многу можности и летови, сите вакви пропусти ќе ги поправиме и како влади и како институции, напомена министерот откако претходно новинарот Фуркан Салиу вербално реагираше зашто утрово, при слетувањето на авионот од Софија, иако уредно поканети и акредитирани за следење на настанот, присутните новинари, фоторепортери и сниматели биле неприфатливо третирани и попречени да известуваат од страна на службите за обезбедување.

Салиу му порача на министерот, да не праќаат покани, ако не дозволуваат соодветно покривање на настаните.

Овој микрофон се плаќа од јавни пари и имам право да ви кажам тоа што го мислам во име на новинарите и снимателите и во име на ЗНМ и Синдикатот на новинари кои веќе реагираа. Бараме да ни овомзожите исти услови за работа како на вашите фоторепортери и сниматели. Ако сакате само тие да ве снимаат, а ние не, не праќајте покани ама да знаеме дека во оваа држава не постојат медиуми. Си имате Вие Ваш ПР центар и продолжете, рече новинарот Фуркан Салиу по што ја спушти камерата на неговиот медиум пред министерот, а тоа го сторија и уште еден снимател и фоторепортер.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!