Англискиот фудбалер Џејк Даниелс, член на Блекпол, призна дека е геј и предизвика бурни реакции на Островот.
Тој ја „отвори“ душата во телевизиско интервју за Sky News и стана првиот професионален фудбалер од ОК што откри дека е геј.
„Со денови размислував како и кога да го направам тоа и чувствувам дека сега е вистинското време. Сакам луѓето да знаат кој сум вистинскиот јас, постојаното лажење не е она што сакам да го правам. Се борев, но сега се чувствувам подготвен да бидам свој и слободен“, изјави Даниелс кој рече дека ја има поддршката од соиграчите и клубот кој се натпреварува во Чемпионшип.
Да потсетиме, Австралиецот Џош Кавало стана првиот професионален фудбалер кој призна дека е геј, а тоа го стори кон крајот на минатата година.
Кавало во октомври изјави дека е хомосексуалец, а тоа го направи во видеото во кое плаче и бара еднаков третман.