Вие имате прво да ја знаете вистината

ВО СРБИЈА ЗАЧЕСТИЈА ЗАКАНИТЕ СО БОМБИ ВО УЧИЛИШТАТА! БРНАБИЌ: „ТОА Е ПОРАКА БИДЕЈЌИ НЕ Ѝ ВОВЕДОВМЕ САНКЦИИ НА РУСИЈА!“

Српската премиерка, Ана Брнабиќ, во вторникот рече дека честите дојави за бомби претставуваат притисок од странство врз Србија бидејќи таа не воведе санкции кон Русија по инвазијата на Украина, како што тоа го направија повеќето западни земји.

„Ние сме единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија и притисоците се неверојатни од ден на ден. Овие дојави за бомби се и притисоци од странство поради невоведувањето санкции кон Русија“, изјави Брнабиќ за белградските медиуми.

Стотици училишта во Белград беа евакуирани во понеделникот по дојавите за бомбите за кои се покажа дека се лажни.

Серијата извештаи за поставени бомби започнаа во март, прво со Ер Србија, која продолжи да лета на линијата Москва-Белград по почетокот на руската инвазија на Украина.

Украина тогаш ја обвини Србија за профитерство поради зголемениот број летови за Русија за време на западните санкции против таа земја, пренесува Хина.

Брнабиќ рече дека ненаметнувањето санкции кон Русија се покажало како „исклучително скапо“, бидејќи „главното прашање“ за инвеститорите е зошто Србија сè уште не го сторила тоа. Според неа, тоа дополнително го забавува понатамошниот раст на земјата.

И други српски официјални лица честите дојави за бомби во училиштата, мостовите, трговските центри, аеродромите, белградскиот водовод и на други места во последниве месеци, ги окарактеризираа како дел од „специјалната, психолошка војна против Србија“, чија цел е да ги заплаши луѓето, да го наруши секојдневниот живот и да предизвика нестабилност.

„Јасно е дека ова е хибридна војна против Србија, а целта е да се донесе нестабилност и немири во земјата и да се избркаат странските инвеститори“, рече во вторникот заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.

Тврдејќи дека Белград побарал меѓународна правна помош за откривање на адресите од кои доаѓаат информациите за наводно поставените бомби, тој рече дека не знае дали ќе има помош.

  • Очигледно таму никого не го интересира тоа, а на некои дури и им се допаѓа притисокот врз Србија“, изјави Весиќ.

Српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, по повод низата анонимни дојави за поставени бомби во Белград, еден ден претходно изјави дека „се води специјална војна против Србија“ и дека заканите доаѓаат „од различни адреси во неколку европски земји. “

Вулин посочи дека министерството, во соработка со Вишото јавно обвинителство и Обвинителството за организиран криминал, „прави се што е можно за да се забрза процесот на меѓународна правна помош“ во согласност со меѓународните конвенции.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!