Вие имате прво да ја знаете вистината

Финска и Шведска испраќаат делегации во Анкара поради преговорите за нивното членство во НАТО!

Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, потврди дека претставниците на земјата утре во Анкара ќе се сретнат со делегациите на Финска и Шведска на разговори за членството на овие две земји во НАТО.

Претходно, финскиот министер за надворешни работи, Пека Хаависто, потврди дека неговата земја и Шведска во среда ќе испратат делегации во турскиот главен град за да се обидат да постигнат договор за пристапување на двете земји во НАТО.

Во неделата турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, имаше телефонски разговори со лидерите на Финска и Шведска во обид да се постигне договор.

Турција ги обвини Финска и Шведска дека обезбедуваат засолниште за луѓето поврзани со Курдистанската работничка партија (ПКК) и поддржувачите на Фетула Ѓулен (ФЕТО), кои Турција ги смета за терористи. Исто така, барањето на Турција е да се укинат забраните за увоз на воена опрема што овие земји и ги воведоа на Турција.

Ердоган претходно изјави дека нема потреба делегациите од овие земји да се обидуваат да дојдат во Турција за да преговараат за членство во НАТО.

За прием на нови членки во НАТО, неопходно е да има согласност од сите 30 земји-членки на оваа најсилна воена алијанса во светот.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!