Вие имате прво да ја знаете вистината

Кина го опколи Тајван со воени бродови, граѓаните на Пекинг беа во екстаза: “И благодариме на другарката Пелоси!”

Камче е доволно за да предизвика лавина. Кина отиде подалеку со овие вежби од кога било досега

Кина во четвртокот започна со воени вежби без преседан, еден ден по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. Вежбите се одржуваат во шест територијални области околу Тајван и вклучуваат жив оган на вода и во воздух. Ќе траат до недела.

Тајванските власти истакнуваат дека вежбите ги прекршуваат правилата на Обединетите нации, дека ова е напад на територијалниот простор на Тајван и дека целата ситуација претставува директен предизвик за слободната воздушна и поморска пловидба.

Кина лансираше неколку балистички ракети Донгфенг во водите околу североисточниот и југозападниот брег на Тајван, почнувајќи од 13:56 часот по локално време. Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека со овој чин се активирани и поврзаните одбранбени системи, пишува Би-Би-Си.

Кина ги хакираше и веб-страниците на Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и Кабинетот на претседателот, објави портпаролот на тајванската влада.

Во средата навечер, само неколку часа откако Пелоси замина за Јужна Кореја, неидентификувани авиони, веројатно беспилотни летала, прелетаа над областа на тајванскиот остров Кинмен, блиску до брегот на Кина.

„Веднаш испукавме ракети за да ги предупредиме и да ги избркаме! После тоа тие се свртеа. Влегоа во нашата област и затоа ги растеравме“, изјави за Ројтерс генерал-мајор Чанг Зоне-сунг од одбранбената команда на островот Кинмен.

Официјална Кина, која тврди дека Тајван е нејзина територија, во четвртокот рече дека нејзините политички разлики со „самоуправниот остров“ се внатрешно прашање.

„Нашата казна за застапниците за независност на Тајван е – законска“, соопшти кинеската канцеларија за тајвански работи со седиште во Пекинг.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја нарече посетата на Пелоси на Тајван „неодговорен и крајно ирационален“ чин на Соединетите држави, објави државната телевизија CCTV.

Дали Тајван има право на сопствен воздушен простор?

Од друга страна, еден граѓанин на Пекинг размислува вака: „Мислам дека посетата на Пелоси на Тајван е добра работа. Тоа ни дава можност да го опколиме Тајван и потоа да го земеме насилно. Мислам дека треба да и се заблагодариме на другарката Пелоси“.

Областите за воени вежби на Кина навлегуваат длабоко во зоната за идентификација на воздушната одбрана на Тајван, а во некои случаи навлегуваат и во територијалниот воздушен простор на островот.

Аналитичарите се согласуваат дека ова е крајно провокативен потег и дека само погрешно камче е доволно за да предизвика лавина.

Карл Шустер, поранешен капетан на американската морнарица и поранешен директор за операции во Заедничкиот разузнавачки центар на американската Пацифичка команда, вели дека „Кина отиде подалеку со овие вежби од кога било досега“.

Кинеските воени маневри во тајванскиот теснец, исто така, предизвикаа многу дискусии за тоа што точно го сочинува воздушниот простор на Тајван и дали тој воопшто е признат според меѓународното право. Спорниот статус на Тајван отежнува да се даде дефинитивен одговор на ова прашање. Повеќето земји во светот не го признаваат Тајван како независна земја — тој одржува дипломатски односи со Пекинг, а не со Тајпеј.

Од друга страна, некои експерти сметаат дека, исто така, поголемиот дел од светот, без оглед на дипломатските односи, го третират Тајван како независна земја – и затоа фактот дека Тајван има право на сопствен воздушен простор мора да биде вклучен во равенката.

„Реалноста е дека Тајван постои“, вели Дру Томпсон, виш соработник на Школата за јавна политика Ли Куан Ју на Националниот универзитет во Сингапур. „Таа е ефикасно независна од која било друга земја. Таа избира своја влада, ги собира сопствените даноци, ги брани сопствените граници. Значи, за сите намери и цели, Тајван е земја“.

Кинеските комерцијални авиокомпании, исто така, го почитуваа воздушниот простор на Тајван, изјави Томпсон за CNN.

Кина се обидува да ја нормализира агресивноста кон Тајван

Сепак, Кина тврди дека со оглед на тоа што Тајван е нејзина суверена територија, на воените авиони на PLA не им е потребна дозвола од Тајван или кој било друг ентитет за да влезат во територијалниот воздушен простор на островот. Во очите на Пекинг, воздушниот простор на Тајван во суштина е и воздушниот простор на Кина.

„Ако Кина одлучи да лета со своите борбени авиони над воздушниот простор на Тајван, постои шанса тајванските авиони да се обидат да ги пресретнат – а тоа би значело ескалација на ситуацијата. Може да има судир во воздухот, генерално во игра се различни сценарија. Кина едноставно се обидува да го нормализира се поагресивниот модел на однесување во контекст на Тајван“, изјави Бони Лин, директорка на Центарот за стратешки и меѓународни студии, за Би-Би-Си.

Околу 10 бродови на кинеската морнарица накратко ја преминаа централната линија на Тајванскиот теснец во четвртокот наутро. Тоа е неформалната линија на поделба меѓу Кина и Тајван.

И во Тајван – животот се одвива нормално. Луѓето се мирни, но загрижени, пишува Би-Би-Си. Најголемиот ефект постигнат со воените вежби на Кина досега е тоа што Тајван мора да пренасочи голем број меѓународни летови и бродови кои пристигнуваат и заминуваат од пристаништата на Тајван на север и југ. Додуша, тоа е голема логистичка главоболка за Тајван, но се разбира, се е подобро од војна.

Според Стивен МекДонел, дописник на Би-Би-Си за Кина, сигурно е дека оние од повисоките ешалони на власта во Пекинг ја поздравиле посетата на Ненси Пелоси на Тајван. Посетата даде идеален изговор за интензивирање на воените игри околу Тајван како подготовка за она што се чини дека е неизбежно сценарио во иднина – општа воена инвазија.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!