Вие имате прво да ја знаете вистината

Пекинг на западните амбасадори им врачи протест поради ставот на Г7 и ЕУ за Тајван

Кина денеска соопшти дека ги повикала европските амбасадори во Пекинг на состанок во знак на протест против изјавите на групата Г7 и Европската унија со кои се критикуваат кинеските вежби над Тајван.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека заменик министерот Денг Ли дал „официјална изјава“ за, како што рече, „дрското мешање во внатрешните работи на Кина“, пренесуваат американските медиуми.

Кина веќе неколку дена има испратено воени бродови и авиони, а вчера лансираше и проектили во Тајванскиот теснец, по посетата на американската висока функционерка Ненси Пелоси на Тајван.

На кинеската страна, што е свртена кон Тајван, денеска се собраа туристи да ги гледаат воените авиони кои се упатуваат кон областа за вежбање. Над главите на туристите се слушаа моторите на авионите, додека туристите фотографираа и извикуваа: „Да го вратиме Тајван назад“, додаваат американските медиуми.

Кина утринава испрати нови воени бродови и авиони преку средишната линија на Тајванскиот теснец, соопшти тајванското Министерство за одбрана, со кои кинеската војска по неколку децении ја премина неофицијалната тампон зона меѓу Кина и Тајван.

Пет кинески проектили вчера паднаа во јапонската ексклузивна економска зона, во близина на островот Хатерума, јужно од главните јапонски острови, изјави јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши.

Тој кажа дека Јапонија протестирала поради ракетата, оценувајќи дека таа е „опасна закана за националната безбедност на Јапонија и безбедноста на јапонскиот народ“.

Токио додаде дека веруваат дека преостанатите четири проектили истрелани од Фуџијан го прелетале Тајван.

Британските медиуми во меѓувреме пренесуваат  дека Кина го повикала јапонскиот амбасадор во Пекинг поради учеството на Токио во „неточната“ изјава на Г7 за Тајван, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!