Вие имате прво да ја знаете вистината

Украинскиот град Николаев воведе полициски час заради разоткривање на соработниците на руските сили.

Украинскиот град Николаев (Миколаив) воведе невообичаено долг полициски час од денеска во 23 часот до 05 часот во понеделник, соопшти Виталиј Ким, регионалниот гувернер на регионот Николаев.

Во објавата на Телеграм, како што пренесува Укринформ, тој побара од граѓаните да имаат разбирање за ваквите мерки, да го испланираат претстојниот викенд и да извршат набавки за два дена.

Западни медиуми пренесуваат дека долгиот полициски час е воведен поради обидот на властите да ги пронајдат соработниците на руските сили.

Градот беше гранатиран за време на руската инвазија која започна на 24 февруари. Се наоѓа во близина на деловите окупирани од Русија на стратешки важната област Херсон, каде Украина планира да започне контраофанзива.

Ким ги увери жителите дека полицискиот час не значи дека градот е ранлив на неизбежен напад.

„Градот ќе биде затворен за време на викендот. Ве молиме да имате разбирање. Работиме и на фаќање соработници. Некои населби ќе бидат предмет на проверки“, напиша гувернерот во објавата на Телеграм.

Минатиот месец Ким понуди награда од 100 долари за информации за луѓе кои на окупаторите им ја откриваат локацијата на украинските трупи или им помагаат да ги утврдат координатите на потенцијалните цели за гранатирање. 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!