Вие имате прво да ја знаете вистината

Арктикот се загрева четири пати побрзо од остатокот на Земјата

Покрај силно влијание врз локалните заедници и дивиот свет кои се потпираат на морскиот мраз за лов, интензивното затоплување на Арктикот ќе има и светски последици.

Арктикот се загреал речиси четири пати побрзо од остатокот на планетата во последните 40 години, покажува истражувањето на експерти од Норвешка и Финска, на кое се повикува Фена. Научниот панел на Обединетите нации за климата претходно објави во специјален извештај во 2019 година дека Арктикот се загрева „повеќе од двапати од глобалниот просек“ поради процесот познат како засилување на Арктикот. Ова се случува кога морскиот мраз и снегот, кои природно ја рефлектираат сончевата топлина, се топат во морска вода, која наместо тоа го апсорбира. Иако постои долгогодишен консензус меѓу научниците дека Арктикот брзо се загрева, проценките варираат во зависност од проучуваната временска рамка и дефиницијата за тоа што ја сочинува географската област на Арктикот. Тим истражувачи анализираше четири групи на податоци за температурата собрани од сателитски студии од 1979 година – годината кога станаа достапни сателитски податоци – низ целиот арктички круг. Откриле дека во просек податоците покажуваат дека Арктикот се загреал за 0,75 степени во период од десет години, што е речиси четири пати побрзо од остатокот на планетата.

Последици од затоплување

Студијата, објавена во списанието Communications Earth & Environment, откри значајни регионални варијации во стапката на затоплување во Арктичкиот круг. Покрај длабокото влијание врз локалните заедници и дивиот свет кои се потпираат на морскиот мраз за лов, интензивното затоплување на Арктикот ќе има и светски последици. Ледената покривка на Гренланд, за која неодамнешните студии предупредуваат дека може да се приближи до „точка на превртување“ на топење, содржи доволно замрзната вода за да ги подигне океаните на Земјата до шест метри. „Климатските промени се предизвикани од луѓето. Како што се загрева Арктикот, неговите глечери ќе се стопат и тоа ќе влијае на нивото на морињата на глобално ниво“, изјави за АФП Анти Липонен, коавтор на студијата од Финскиот метеоролошки институт. „Нешто се случува на Арктикот и тоа ќе влијае на сите нас“, предупреди тој.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!