Вие имате прво да ја знаете вистината

Општина Кисела Вода обезбеди чанта и прибор за сите првачиња

Општина Кисела Вода соопшти дека стартува проектот „Ранче за секое прваче” дека во екот на огромните поскапувања кои посебно се изразени кај училишниот материјал и се движат околу 50 проценти во однос на претходните години, обезбедиле училишни чанти за сите првачиња.

Од општината посочија дека 625-те првоодделенци од сите 11 основни училишта ќе добијат и бесплатни тетратки и училишен прибор. Овој проект, како што истакнуваат, има за цел да им овозможи финансиско олеснување на сите семејства кои годинава за своето прваче, само за чанта и прибор, требаше да издвојат околу 6000 денари.

-Пред почетокот на новата учебна година, обезбедивме ранчиња за учениците кои за првпат ќе седнат во училишните клупи. Првиот училишен ден треба да се памети по радост и возбуда, и за првачињата, но и за нивните родители, а не по финасиски грижи. Токму затоа, Општина Кисела Вода се погрижи сите запишани 625 првачиња во нашите основните училишта, на 1 септември бесплатно да добијат квалитетен анатомски ранец, во кој ќе има и тетратки и училишен прибор. Сакам да ги известам нивните родители дека не треба да купуваат чанти и прибор и дека за искористување на оваа погодност нема потреба од исполнување на било какви критериуми, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Со оваа мерка, посочи тој, сакаме директно да им олесниме на нашите сограѓани кои се навистина оптоварени со огромниот бран поскапувања и чиј домашен буџет од ден во ден станува се’ попразен.

– „Ранче за секое прваче” е само една од мерките со кои се трудиме да им го олесниме секојдневието на нашите жители. Вчера како локална самоуправа објавивме и јавен повик до социјално загрозените семејства на кои Општина Кисела Вода ќе им субвенционира дел од сметките за електрична енергија. Исто така, ќе го продолжиме проектот „Храна за сите”, преку кој обезбедуваме хуманитарни пакети за економски немоќните семејства, а во периодот што следува ќе излеземе и со нови мерки кои ќе го олесниме живеењето на нашите жители и ќе се обидеме да ги ублажиме ефектите од огромната финансиска криза во која се наоѓа Македонија, рече Ѓорѓиевски.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!