Вие имате прво да ја знаете вистината

АНАЛИЗА – “Мислам дека ова е крајот. Русија ја загуби војната, а Путин е готов. Сепак, не сум сигурен дека тоа е добра вест”

Русија сега е маргинализирана, санкционирана, ги обедини своите непријатели и наскоро нејзината војска ќе биде поразена на терен

Тие 72 часа од војната во Украина, ќе ги проучуваат идните генерации воени офицери и историчари, пишува Телеграф. Имено, украинските вооружени сили ослободија над 2.500 квадратни километри од Украина кои беа под руска окупација.

И тоа го направија со пробивање како низ дупка преку слабо чуваните руски фронтови источно од Харков и пресекување на руските логистички линии, принудувајќи да се повлечат големите контингенти руски војници и тоа на неколку локации, од кои најважни се Изум и Купјанск. Без тие два града, Русија не може ефективно да ги снабдува своите сили во североисточниот или источниот дел на земјата, па може да се очекуваат дополнителни колапси, повлекувања и предавања на руските сили.

Многу е веројатно дека Украинците ќе ја задржат контролата врз она што го стекнале, што е еднакво на целата територија што Русија ја освои од април. Русите се бранат лошо, а особено се лоши во контранападите. Едноставно немаат ниту војници, ниту логистика за тоа, а моралот им е достигнат на ново ниско ниво, предупредува Телеграф.

Британскиот весник пренесува и дека последните информации укажуваат дека Украинците повторно го освоиле аеродромот во Доњецк и се движат кон брегот на Црното Море.

Но, Мајк Мартин, аналитичар на Телеграф, се прашува што значи сето ова за понатамошниот тек на војната?

Тој е сосема сигурен дека тоа значи почеток на распаѓање на руската армија во Украина. Можеби ќе можат привремено да ги стабилизираат своите линии, но руските сили претходно беа слабо опремени, недоволно снабдени и со низок морал. На таа листа сега треба да се додаде и огромен страв.

Но, некои се загрижени дека тоа ќе го принуди Путин да користи нуклеарно оружје, но се додека Украинците војуваат во нивните сопствени граници, тоа е малку веројатно – бидејќи Путин знае дека тоа би значело негов крај, а потенцијално и крај на Русија.

Украинската тактика е да ги подели руските сили на мали, изолирани единици со кои ќе се справува поединечно. Ќе им биде најтешко да ги поразат руските сили на Крим, но ако Украина ги изолира со уништување на Керчкиот мост, кој ги поврзува Крим и Русија, тогаш поразот на Русите таму е само прашање на време.

Овој подвиг беше постигнат со исклучителната вештина и храброст на Украинците, но беше платен и со огромни цивилни и воени загуби, вклучително и 1,5 милиони Украинци кои беа префрлени во Русија. (Украинците заробија илјадници руски војници, па може да дојде до размена).

За успехот на Украинците придонесоа и западното оружје во вредност од милијарди долари, терабајти разузнавачки податоци, како и дискретни оперативни совети од американските и британските разузнавачи.

Друго прашање што го постави аналитичарот на Телеграф е што ќе се случи со Русија по војната.

Тој смета дека поразот во војната значи крај на Владимир Путин. Ова беше неговата војна. И не само што пропадна планот, туку беше постигнато токму спротивното од она што го најави Путин. Русија сега е исфрлена, санкционирана, ги обедини своите непријатели и наскоро нејзината војска ќе биде поразена на терен.

Ова може да изгледа како добра работа, но има само една работа полоша од силна Русија, а тоа е слаба Русија, смета аналитичарот на Телеграф.

Слабата Русија ќе создаде многу непознати прашања. Дали може да има државен удар? Кој доаѓа на власт по Путин? Дали Русија останува цела? Што се случува со нуклеарното оружје додека трае војната во Украина?

Додека очите на сите се вперени во она што се случува во Украина, се надевам дека некој размислува за тоа што може да се случи со Русија наскоро, заклучува Мајк Мартин.


Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!