Вие имате прво да ја знаете вистината

Палестинскиот лидер го повика Израел веднаш да се врати на преговорите

Палестинскиот претседател Махмуд Абас рече дека решението за две држави што го предложи израелскиот премиер Јаир Лапид е „позитивен развој“, но оти потврда на тоа би било враќање на Израел кон преговорите.

„Вистински тест на веродостојноста и сериозноста на тој став е израелската Влада веднаш да се врати на преговарачката маса“, изјави Абас пред Генералното собрание на ОН, во обраќањето во кое ја осуди израелската окупација на палестинските територии.

Израел во војната во 1967 година го окупираше Источен Ерусалим, Западниот Брег и Газа – области за кои Палестинците тврдат дека се нивната идна независна држава. Израелско-палестинските разговори предводени од САД пропаднаа во 2014 година.

Напорите да се постигне договор за две држави за двата народа, што предвидува две држави една до друга, од поодамна се во застој.

„Нашата доверба дека ќе постигнеме мир заснован врз правда и меѓународното право, за жал избледува поради израелската окупациска политика“, рече Абас, нарекувајќи го Израел „режим на апартхејд“.

Повеќето земји ги сметаат нелегални израелските населби на Западниот Брег на реката Јордан. Израел од своја страна смета дека има библиско право врз нив.

Спомнувањето на решението за две држави од страна на Лапид е прво од израелски лидер пред Обединетите нации. За време на посетата на Израел минатиот месец американскиот претседател Џо Бајден изрази поддршка на тој подзаборавен предлог.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!