Вие имате прво да ја знаете вистината

„Брако“ со нова инвестиција за модернизација на машинскиот парк

Брако како најнова инвестиција во машинскиот парк набави најсовремена ЦНЦ „Хартфорд“ глодалка вредна половина милион евра. Во „Брако“ веќе ја завршија обуката за управување со најсовремената ЦНЦ „Хартфорд“ глодалка, со која производството започнува наскоро.

Од „Брако“ појаснуваат дека повеќедневната практична обука на инженерско – техничкиот тим му овозможи запознавање и стекнување на  потребните знаења и вештини за сите можности што ги нуди најсовремениот глодачки ЦНЦ центар од палетата на „Хартфорд“.

Додаваат дека со купувањето на оваа машина, спроведената обука на операторите и скорото пуштање во употреба, „Брако“ уште еднаш ја потврдува својата тенденција за модернизација и забрзано технолошко развивање на компанијата.Тоа е  еден од начините да се зголеми продуктивноста и да се биде поконкурентен на регионалниот и европскиот пазар. Појаснуваат дека оваа ЦНЦ машина потполно ќе одговори и на најспецифичните барања од страна на клиентите.

– Машината е конструирана за изработка на повеќе различни операции и има можности за машинирање на големи метални конструкции со димензии до 6000 мм и тежина до 18000 килограми. Преку обуката и мерните проби се докажа точноста и можностите со кој располага овој машински центар за извршување на најразлични операции како глодање, бушење, режење навој, фино развртување и контрола на машинските позиции со специјален уред Reni Shaw. Машинскиот центар има точности во микрони и со тоа има можност да изработува делови со големи толеранции и точности,информира  машинскиот инженер Славчо Митревски, одговорен на одделот за машинска обработка во „Брако“.

Перо Колев, технички директор на Секторот за тешки метални конструкции појаснува  дека ентузијазмот и високата мотивација на младите инженери во „Брако“ направија обуката да заврши во рекордно време.

– Наскоро започнуваме со сериско производство на машинирани метални конструкции, со оглед на тоа што веќе имаме склучено договори со повеќе клиенти. „Брако“ е компанија која и понатаму ќе продолжи да инвестира во современа машинска технологија, информира Колев.

Појаснува дека инсталацијата и обуката беа спроведени од стручни лица од турска и бугарска компанија, чие реноме е изградено со професионалната работа поврзана со продажба и монтажа на премиум ЦНЦ машини.

Велешки „Брако“ постои од 1947 година, а најголемата експанзија ја доживува последните 20 години. Во овој период, со континуирани инвестиции во најсовремена технологија „Брако“ создава квалитет во сите свои производствени програми кои се однесуваат на производство  на возила за одржување на хигиена во урбани средини, производство на опрема за хидроелектрани и други видови енергетски капацитети, производството на жичани производи и медицински помагала.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!