Вие имате прво да ја знаете вистината

ШОКАНТЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА РУСКИОТ ГРАБЕЖ ВО СУДАН: Руската рубља и оружје купува злато и моќ во Африка – Го шверцуваат во кутии за бисквити (фото)

Во центарот на соработката меѓу Москва и суданската воена хунта е Евгениј Пригожин, руски олигарх

Неколку дена откако Москва ја почна крвавата војна против Украина, руски товарен авион застана на пистата во Картум, која всушност е само лента асфалт опкружена со црвено-портокалова песок.
Во документот за товарот на авионот пишувало дека е наполнет со колачиња. Судан ретко  извезува колачиња.

Во задната канцеларија на меѓународниот аеродром во Картум се одвиваше жестоката дебата меѓу официјалните лица. Тие стравуваа дека инспекцијата на авионот ќе го вознемири сè поруското воено раководство во земјата. Неколку претходни обиди за пресретнување на сомнителни руски товарни авиони се веќе стопирани. Но, на крајот, официјалните лица сепак решиле да влезат во авионот.

Товарниот простор беше исполнет со шарени кутии за бисквити. Под нив беа скриени дрвени гајби кои го содржеа најскапоцениот ресурс на Судан – златото. Приближно околу еден тон златно се пренесуваше со овој авион.

Овој февруарски инцидент, потврден за СиЕнЕн од бројни официјални судански извори, е еден од најмалку 16-те познати случаи во изминатата година и половина кога Русите шверцувале злато од Судан, третиот по големина африкански производител на благородни метали.

Меѓународниот аеродром Картум во Судан

Бројните интервјуа со високи судански и американски функционери и голем број документи разгледани од СиЕнЕн укажуваат на разработена руска шема за грабеж на суданското богатство во обид да се зајакне Русија во услови на сè построги западни санкции и финансиска поддршка на руската војна во Украина.

Доказите исто така укажуваат на тоа дека Русија се договара со военото раководство на Судан, дозволувајќи милијарди долари во злато да ја заобиколат земјата и лишувајќи го осиромашениот Судан од стотици милиони даночни приходи.

За возврат, Русија обезбеди силна политичка и воена поддршка на се понепопуларното воено раководство на Судан, кое насилно го потиснува продемократското движење во земјата.

Поранешни и сегашни американски функционери изјавуваат за СиЕнЕн дека Русија активно го поддржува воениот удар во Судан во 2021 година, со кој беше соборена преодната цивилна влада. Така, на суданското продемократско движење кое го собори претседателот Омар ал Башир две години претходно, му беше нанесен разорен удар.

“Одамна знаеме дека Русија ги искористува природните ресурси на Судан“, изјави поранешен американски функционер. “Со цел да продолжи да има пристап до овие ресурси, Русија го охрабри и поттикна воениот удар”.

“Со оглед на тоа што остатокот од светот ја затвори вратата за Русија, тие имаат голема корист од овој однос со суданските генерали и затоа им помагаат да останат на власт“, ​​додаде поранешниот функционер. “Таа „помош” се состои од обука и разузнавачка поддршка за заедничко споделување на профитот од украденото злато на Судан”.

Суданско злато

Во центарот на соработката меѓу Москва и суданската воена хунта е Евгениј Пригожин, руски олигарх и клучен сојузник на претседателот Владимир Путин.

Пригожин (61) контролира мистериозна мрежа на компании која го вклучува и озогласениот Вагнер, паравоена група поврзана со наводни мачења, масовни убиства и грабежи во неколку земји разурнати од војна, вклучително и Сирија и Централноафриканската Република (ЦАР). Тој ги негира врските со Вагнер.

Во Судан работи преку компанијата Meroe Gold (исто така под американски санкции, инаку подружница на M-invest во сопственост на Пргожин), која вади злато додека истовремено ја снабдува и обучува армијата и паравоените сили на таа земја со оружје, како што може да се види од документите добиени од СиЕнЕн.

“Преку Meroe Gold или други компании поврзани со неговите вработени, Пригожин разви стратегија за ограбување на ресурсите на африканските земји во кои тој за возврат ја поддржува актуелната влада“, објасни Денис Коротков, истражувач во Dossier Center со седиште во Лондон, кој ги следи криминалните активности на различни луѓе поврзани со Кремљ. Овој Dossier Center е основан од Михаил Ходорковски, некогаш најбогатиот човек во Русија, кој сега живее во егзил во Лондон.

СиЕнЕн, во соработка со Центарот за досие, исто така откри дека најмалку еден висок оперативец на Вагнер, Александар Сергеевич Кузнецов, ги надгледувал ископувањето, преработката и транзитните операции на злато во Судан во последниве години.

Кузњецов – познат по прекарите “Ратибор” и “Радимир” – е осуден киднапер кој се борел во соседна Либија и во 2014 година командувал со првата единица за напад и извидување на Вагнер. Четири пати го доби рускиот орден за храброст, а во 2017 година се сликаше со Путин и Дмитриј Уткин, основачот на Вагнер. Европската унија го санкционираше Кузњецов во 2021 година.

Зголемената врска меѓу суданските воени власти и Москва резултираше со сложена мрежа преку која се шверцува злато. Според судански официјални извори, како и податоци за летови добиени од СиЕнЕн во соработка со Твитер профилот за следење летови Герјон, суданските власти минатата година пресретнале најмалку 16 летови на воени авиони од сирискиот пристанишен град Латакија, каде Русија има голема воздушна база.

Владимир Путин во Латакија – Сирија

Испораките на злато, исто така, одат преку копно до ЦАР, каде што групата Вагнер поддржува репресивен режим и наводно користи некои од нејзините најбрутални тактики против населението, велат судански официјални извори и Dossier Center.

СиЕнЕн побара коментар од руското Министерство за надворешни работи, Министерството за одбрана на Русија и матичната организација на групацијата на компании предводена од Пригожин. Никој не одговори.

Но, одговори портпаролот на американскиот Стејт департмент.

“Внимателно го следиме овој случај, вклучувајќи ги и пријавените активности на Meroe Gold, Вагнер групацијата поддржана од Кремљ и други санкционирани актери во Судан, регионот и глобалната трговија со злато воопшто. Го поддржуваме суданскиот народ во нивните аспирации за демократски и просперитетен Судан во кој се почитуваат човековите права”, додаде портпаролот. “И понатаму ќе продолжуваме да ја изразуваме нашата загриженост за злобното влијание на Wagner, Meroe Gold и другите актери во Судан“.

Вагнер во Африка и Украина

Повлекување во сенка

Руските измами со суданското злато започнаа сериозно во 2014 година, откако руската инвазија на Крим предизвика серија санкции од Западот. Испораките на злато се покажаа како ефикасен начин за акумулирање и пренос на богатство, што ја зајакна руската каса без знаење на меѓународниот систем за финансиски надзор.

“Негативната страна на златото е тоа што е физичка и многу потешка за употреба од меѓународните банкарски трансфери, но добрата страна е што е многу потешко, ако не и невозможно, да се замрзне или заплени“, рече Daniel McDowell,, експерт за санкции и вонреден професор по политички науки од Универзитетот Сиракуза.

Центарот на руската операција за ископување злато се наоѓа длабоко во пустината на североисточен Судан, прошаран со длабоки провали каде што рударите работат на интензивна топлина со мала заштита од церади и вреќи со песок.

Рударите од овие оддалечени рудници се собираат секое утро во Ал-Ибаидија – познат како “златниот град” – и пренесуваат вреќи со злато на колички што ги влечат магариња по неасфалтираните патишта во градот. Највисока понуда за нивната стока, велат многумина од нив, речиси секогаш ја нудат трговците од блиската преработувачка фабрика, која локалното население ја нарекува “Руска компанија“.

Златото се продава “набрзина” во овој главен трговски центар. Околу 85 отсто од суданското злато се продава на овој начин, според официјалната статистика до која дојде СиЕнЕн. Трансакциите се главно неевидентирани, а Русија доминира на пазарот, велат различни извори, вклучително и свиркачи од рударството и други безбедносни извори.

Рудник за злато во Картум

Русија речиси десет години ја задржа својата трговија со суданско злато надвор од официјалните книги. Официјалните статистички податоци за надворешната трговија на Судан од 2011 година постојано наведуваат дека вкупниот извоз на злато на земјата во Русија е нула, и покрај многуте докази за “обемните” активности на Москва во овој сектор.

Со оглед на тоа што Русија имаше корист од тоа што владата замижува во едното или двете очи, тешко е да се одреди точната количина на злато што е извадено од Судан. Но, најмалку седум извори запознаени со развојот на настаните ја обвинуваат Русија дека водела масовни операции за шверц на злато во Судан и дека најголемиот дел од суданското злато завршило во Русија во последните години.

Свиркач од централната банка на Судан му покажа на СиЕнЕн фотографија од табела на која се гледа дека 32,7 тони злато исчезнале во 2021 година.

По сегашни цени од 60 милиони долари за тон, тоа е злато во вредност од 1,9 милијарди долари.

Меѓутоа, неколку поранешни и сегашни функционери велат дека количината на златото што недостасува е уште поголема и тврдат дека суданската влада го продава златото произведено во неформални рудници по значително пониски цени, што ги нарушува реалните бројки.

Повеќето извори на СиЕнЕн тврдат дека околу 90 отсто од производството на злато во Судан е шверцувано. Ако ова е вистина, тоа би изнесувало злато во вредност од приближно 13,4 милијарди долари, што ги избегнува царините и регулативите и ги намалува владините приходи за стотици милиони долари. Овие бројки не се потврдени од независен извор.

Судански истражител за борба против корупцијата, кој со години ги следи операциите на руското злато во Судан, му ги дал на СиЕнЕн координатите на најважната руска фабрика за преработка. Кога СиЕнЕн пристигна на местото, на околу пет милји од АлИбаидија, над комплексот се вееше советско знаме. Надвор беше паркиран руски камион со гориво.

Случајната средба со стражарот – кој потврдил дека објектот припаѓа на таканаречената “руска компанија” – брзо се претворила во тензичен конфликт.

Чуварот го пренесе барањето на СиЕнЕн да разговара со “рускиот менаџер” со некого преку вокитоки. Група Суданци потоа се упатила на местото на настанот и наредила екипажот на СиЕнЕн да си замине, а безбедносната единица го придружувала автомобилот на СиЕнЕн.

Морате да заминете“, рече друг вработен од Судан во фабриката за екипата на СиЕнЕн. “Ова не е руска компанија. Тоа е суданска компанија наречена Ал-Солаг“.

Според пет официјални судански извори и документи за регистрација на компанија што ги виде Си-ЕнЕн, АлСолаг е суданска предна компанија за Meroe Gold, руска рударска компанија под американски санкции.

Минатогодишното отворање на Ал-Солаг беше клучна пресвртница за присуството на Русија во Судан. Според новиот модел, руските делувања се повлекоа во сенка, правејќи ги аранжманите позависни од военото раководство на Судан, дозволувајќи им на руските актери да ги заобиколат државните институции, вклучително и регулативите кои се однесуваат на странски компании, под маската на локалниот бизнис. СиЕнЕн побара коментар до военото раководство на Судан, но не доби одговор.

“Премногу американски надзор

Во 2021 година, рускиот пратеник во Судан, Владимир Желтов, ги покани суданските рударски службеници на импровизиран состанок.

Видно нервозниот Желтов побарал Meroe Gold да биде “зацрнет” откако Американците почнале премногу да се интересираат за таа компанија, открил свиркач од суданското Министерство за рударство, кој знаел од прва рака за таа средба.

До јуни годинава барањата на Желтов беа исполнети. Преносот на имотот на Meroe Gold на компанијата АлСолаг во суданска сопственост се чини дека е завршен. Анализата на документите за регистрација на двете компании откри впечатливи сличности, вклучително и две идентични листи на законски казни.

Според суданскиот закон, компанија која сака да ги пренесе своите акции на друга мора да ги пренесе и пресудите донесени против неа. Незаконски е да се има непријавен странски партнер.

Суданската Антикорупциска комисија, чувар формиран за да му помогне на Судан во демократските процеси, потоа го блокираше обидот за измама, рече поранешен цивилен функционер со директно знаење за настаните. Антикорупцискиот комитет испрати детален извештај до вооружените сили во септември 2021 година со докази за трансферот на Meroe Gold на Ал-Солаг, повикувајќи ги да престанат со, како што го нарекоа, “злосторство против државата“.

Организацијата исто така ја обвини војската за соучесништво во руските работи, што го налути военото раководство, кое го критикуваше одборот и рече дека им нанесува “штета на вооружените сили”, според поранешен цивилен функционер.

“Руските и суданските офицери сметаа дека цивилите во владата се пречка за реализација на нивните планови“, додаде поранешниот функционер.

Во октомври 2021 година, еден месец откако одборот за борба против корупција го запре трансферот на удел од Meroe Gold на Ал-Солаг, суданската војска изврши државен удар – за кој американски официјални лица и поранешни официјални извори велат дека бил поддржан од Русија – и хунтата беше веднаш го распушти одборот.

“Русија е паразит“, изјави поранешен функционер за СиЕнЕн. “Русија го ограби Судан и го казни со прекинување на демократските процеси кои можеа да го претворат Судан во голема нација“.

Генералот Мохамед Хамдан Дагало, шеф на паравоената единица на Силите за брза поддршка (Rapid Support Forces – RSF), е клучен корисник на руската поддршка и главен примател на оружје и обука од Москва. Суданските извори на СиЕнЕн, исто така, веруваат дека Абдул Фатах алБурхан – воениот владетел на земјата – исто така е поддржан од Русија.

Групите за човекови права ги обвинија и Бурхан и Дагал (познат како Хемедти) за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото за време на суданскиот конфликт во Дарфур, кој започна во 2003 година.

Истиот ден кога Русија ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година, Хемедти ја предводеше суданската делегација во Москва за да ги “подобри односите” меѓу двете земји.


Чизмите на Вагнер на суданско тло

На правливиот граничен премин меѓу Централноафриканската Република и Судан во март 2019 година, 34-годишен Русин со очила упати избезумени молба за помош до својот шеф – сопственикот на Meroe Gold, Михаил Потепкин.

“Радимир е лут што никој не бил предупреден“, напиша Алексеј Панков во разговорот на Телеграм што Dossier Centar го сподели со СиЕнЕн. Тој мислеше на Кузњецов, висок оперативец на Вагнер, кој е прикажан како ја чува границата заедно со суданските разузнавачи.

“Кажете му на Радимир дека тоа беше “затворена” операција. Затоа не го предупредивме за тоа“, одговори Потепкин.

“По ѓаволите, Радимир е страшен. За малку ќе ги “наполнев” панталоните”, одговори Потепкин.

Разговорот е дел од доказите собрани од СиЕнЕн кои покажуваат дека Кузњецов е главниот спроведувач на Вагнер на клучните локации во Судан.

Си-Ен-Ен, исто така, виде официјални судански изјави кои го нарекуваат Кузњецов како “проблематичен” вооружен Русин кој ја надгледувал безбедноста во руската фабрика за преработка на злато во близина на Ал-Ибаидија. Извор запознаен со активностите на Meroe Gold во Судан изјави за Си-Ен-Ен дека Кузњецов исто така често ги посетувал канцелариите на компанијата во Картум.

Владимир Путин

Оперативците на Вагнер ротираат на своите позиции во Судан, откри Dossier Centar за Си-Ен-Ен, а Кузњецов би можел да биде еден од ретките луѓе на Вагнер во земјата. Тие беа стратешки испратени да ја заштитат руската шверцерска шема која стана уште поважна откако Русија ја започна својата војна против Украина.

Тие оперативци на Вагнер се чини дека се одговорни за зголемената атмосфера на страв додека Москва ја стегнува контролата врз суданското злато, велат изворите.

Неколку локални новинарски мрежи чија работа Си-Ен-Ен ја користеше за овој извештај – како што се Мујо Прес, Ал-Бахшум и Фејсбук страницата на новинарот и активист Хишам Али – беа мета во последните месеци и доведени во егзил под закана со смрт. Само во јуни беа убиени десет демонстранти, од кои тројца беа истакнати продемократски активисти. Безбедносните извори на Си-Ен-Ен веруваат дека тие биле убиени намерно.

Високи судански функционери постојано го повикаа Нима Елбагир од Си-Ен-Ен да се држат настрана од местото на протестот. Откако Си-Ен-Ен ја започна оваа истрага, Елбагир е ставен на листата на удари на воената хунта, според повеќе судански безбедносни извори.

Додека снимките од руските тенкови напредуваат кон Киев се прикажуваа на ТВ екраните во февруари, на меѓународниот аеродром во Картум, вработените гледаа како полетува авион натоварен со бисквити и злато. Високи воени лидери интервенираа и се појави застрашувачко чувство.

Некои од службениците кои го откриле грабежот биле распоредени на други позиции, некои во регионални канцеларии, а други биле испратени во воените резерви, според извор запознаен со инцидентот.

“Платија затоа што си ја вршеа работата”, изјавил изворот за Си-Ен-Ен.




Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!