Вие имате прво да ја знаете вистината

Вучиќ – Ал Сауд: Србија заинтересирана за продлабочување на соработката со Саудиска Арабија

– Двајцата соговорници се согласиле дека постојат бројни неискористени потенцијали за развој на партнерството во областа на земјоделството, туризмот, градежништвото, ИТ-секторот и енергетиката, како и во сферата на обновливите извори на енергија.

– Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград се состана со министерот за надворешни работи на Кралството Саудиска Арабија, принцот Фејсал бин Фархан ал Сауд, со кого разговараше за соработката на полето на одбраната, воената индустрија, енергетиката, а особено во сферата на обновливите извори на енергија.

Од Кабинетот на претседателот се наведува дека Вучиќ му се заблагодарил на гостинот за првата билатерална посета на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија на Белград, и нагласил дека Србија е заинтересирана за продлабочување на соработката со Кралството, кое го гледа како потенцијално важен партнер.

Осврнувајќи се на економската соработка, соговорниците се согласиле дека постојат бројни неискористени потенцијали за развој на партнерството во областа на земјоделството, туризмот, градежништвото, ИТ-секторот и енергетиката, како и во сферата на обновливите извори на енергија, за што на состанокот конкретно станало збор. Соговорниците, исто така, ги истакнале и областите на воено-економската, воено-медицинската и воено-образовната соработка, кои во претстојниот период би требало дополнително да се зајакнуваат и унапредуваат.

Укажувајќи на бројни големи светски компании кои веќе подолго време успешно работат во Србија, Вучиќ упати повик до бизнисмените и инвеститорите од Саудиска Арабија да вложуваат во Србија и да учествуваат во заеднички проекти.

Ал Сауд додаде дека токму бизнис-заедницата е клучен фактор за градење добри односи меѓу земјите и изрази интерес за зајакнување на соработката во сите домени од заемен интерес. Соговорниците се согласија дека треба дополнително да се работи на поврзување на бизнис-заедниците од двете држави, како и за организирање бизнис-самит на кој би присуствувале успешни стопанственици и инвеститори, со што значително би ги унапредиле економските односи меѓу Србија и Саудиска Арабија.

„На средбата е разговарано и за начините за понатамошно подобрување и зајакнување на билатералните и економските односи, но и на политичкиот дијалог на сите нивоа, како основа за подлабоко меѓусебно поврзување и разбирање за прашањата важни на билатерален и мултилатерален план“, се истакнува од Кабинетот на српскиот претседател.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!