Вие имате прво да ја знаете вистината

Грковска – Ќехаја: Неопходна е соработка во регионот за полесно справување со кризата

– Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше средба со новоименуваниот амбасадор на Косово во Северна Македонија, Флоријан Ќехаја, со кого разговараше за предизвиците со кои се соочуваат двете земји, како и за можностите за заедничка соработка.

Двајцата соговорници ја потенцираа финансиската и енергетската криза како проблем со кој се соочуваат сите земји во регионот и ја нагласија потребата од меѓусебна соработка во процесот на нивно надминување.

Вицепремиерката Грковска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакна дека креирањето ефикасни антикорупциски политики, јакнењето на интегритетот и транспарентноста, се предизвик со кој се соочува целиот регион и затоа, соработката меѓу земјите во регионот во овој сегмент е многу значајна.

Грковска ја напомена и посветеноста на процесите на дигитализација и нагласи колку е важен овој процес за олеснување на животот на граѓаните. Таа ја образложи работата на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, вклученоста на сите институции кои работат на овие процеси и нагласи дека овој процес не е едноставен, има многу предизвици, но е клучен доколку сакаме да изградиме ефикасен систем.

Амбасадорот Ќехаја оцени дека е предизвик да се раководи Кабинет кој е надлежен за политики за добро владеење, со оглед на тоа што станува збор за широк спектар на надлежности кои се во насока на изградба на ефикасен и функционален систем.

Вицепремиерката Грковска му честиташе на амбасадорот Ќехаја за новата функција и му посака успешна и плодна работа.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!