Вие имате прво да ја знаете вистината

Промовирана книгата „Стихописани слики“ од Митко Ц. Колјушевски

– Книгата „Стихописани слики“ од Митко Ц. Колјушевски денеска беше промовирана во Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид.

Авторот, како што посочи на промоцијата, рецезентот и промотор Мирко Томоски, во 45 творби соживувајќи со своето најсвето, остава трајни вредности за едно време, одамнешно, минато, или сепак денешно.

– Овие 45 творби, преку мноштвото директни насочувања, создаваат поетско дело како суверен сведок за идентитетот, традицијата, културата и уметноста, сите собрани во љубовта и тоа не само во еден културен контекст како нашиот, туку и како светско колективно добро, при тоа овозможувајќи да се комуницира со едно уметничко видување како документ на реалноста, со цел да ги активира најпасивните механизми за восприемање на носталгичноста и љубовта, рече Томоски.

Создавајќи го делото, Колјушевски посочи дека зад себе оставил многу непроспани ноќи, многу запишани стихови и песни кои биле опеани од него и неговите фолк и староградски групи.

– Се трудев тоа да се песни напишани во македонски дух, преполни со емоции и љубов. Се надевам успеав, сега стихозбирката е во рацете на публиката и таа ќе го даде судот, рече авторот на книгата.

Митко Ц. Колјушевски е роден 1949 година во Охрид. Автор е на песните „Стариот Фенер“, „Охридски стари трубадури“, „Месецот ти плете коприна“…, како и аранжер на на повеќе македонски народни песни. Тој е еден од основоположниците и долгогодишен член на ансамблот за староградска музика „Самуил“ и групата „Цар Самуил“. Има издадено две збирки со текстови од македонски народни и обнародени, а „Стихописани слики“ му е прва самостојна збирка песни.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!