Вие имате прво да ја знаете вистината

Француски актерки ги потстрижија косите во знак на поддршка на Иранките

 Познатите француски актерки Жулиет Бинош и Изабел Ипер си ги отсекоа прамените од косата во знак на поддршка за Иранките, кои веќе 20-тина дена протестираат поради смртта на притворената 22-годишна Махса Амини, откако полицијата ја уапси поради непочитување на строгите ирански правила на облекување.

Протестите во Исламската Република се одржуваат секој ден откако Амини почина на 16 септември во притворот на полицијата за зачувување на моралот во Техеран, откако беше приведена поради неправилно носење хиџаб.

„За слобода“, рече Бинош пред да отсече голем прамен од нејзината коса и да го покаже пред камерата.

Во потстрижувањето ѝ се придружија и други актерки и пејачки, меѓу кои Марион Котијар и Изабел Аџани.

„Махса Амини беше злоставувана од полицијата додека не умре. Сè што направила е што својата марама на главата ја носела на погрешен начин. Починала бидејќи неколку прамени од косата и беа откриени“, се вели во видеото на Инстаграм објавено на страницата soutienfemmesiran (поддршка за жените од Иран), на која објавуваат снимки од „пострижувањата“.

Таа објава се прошири и на други социјални мрежи – Фејсбук и Твитер.

„Иранките очекуваат поддршка од меѓународната заедница. Ова е убав начин да се покаже таа поддршка“, напиша Ричард Седило, кој ја почна кампањата.

„Ова е само првиот чекор, се надевам дека ќе го следат сите во светот, не само актерките, туку и сите други. И мажите можат да си ја стрижат косата, мислам дека тоа ќе се случи“. 

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!