Вие имате прво да ја знаете вистината

Кого најмногу го „гори“ цената на парното во регионот

ТРТ Балкан анализираше каде се плаќа најевтино, а каде најскапо парно греење во земјите од регионот каде има централизиран систем со топлани.

Најголем дел од шесте балкански држави кои не се дел од ЕУ имаат парно греење, барем во главните градови. ТРТ Балкан анализираше каде се плаќа најевтино, а каде најскапо парно греење и каде новата цена ќе ги „изгори“ потрошувачите.

525 евра годишно за стан од 60 квадрати во Скопје

Цената на парното греење во македонската метропола се одредува по квадрат. Колку е поголема грејната површина, толку ќе биде повисока и месечната сметка за затоплување. На цената влијае и бројот на приклучени корисници кон системот за централно затоплување како и бројот на корисници во еден станбен објект.

Според калкулаторот поставен на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика, за стан од 60 квадрати во Скопје се потребни 2.691 денар или 43 евра месечно, односно 32.301 денар годишно или 525 евра.

Најголемиот број корисници плаќаат парно греење 12 месеци. Во оваа цена е вклучен и данокот на додадена вредност од пет отсто. Последното поскапување на парното греење во Скопје од 14,18 отсто е од август 2022.

Околу 60.000-70.000 домаќинства во Скопје се приклучени на системот за парно греење.

Едно евро по квадрат во Белград

Греењето на централен систем и во Белград се тарифира по квадрат. Цената на овој вид греење е идентична подолг период, иако тарифата е значително поскапа од другите градови во Србија. Жителите на српската метропола плаќаат по 119,39 динари или околу едно евро по квадрат. Тоа значи дека за загревање на стан од 60 квадратни метри ќе бидат потребни 60 евра месечно или 720 евра годишно.

Две тарифи во Сараево

Топлана Сараево има донесено правилник според кој се актуелни две различни тарифи за пресметка, во зависност од тоа дали во станбениот објект има вградени мерачи. И во двата случаи цената на енергијата ја формираат издатокот за единица испорачана енергија и цената за единица приклучна моќност која се плаќа 12 месеци. Последното поскапување на топлинската енергија во Сараево од 16,53 отсто се случи пред неколку дена.

Со тоа поскапување во објектите во кои нема мерење на топлотната енергија за првата ставка изнесува 1,9 конвертибилни марки или 0,95 евра за квадрат и таа се плаќа 7 месеци. Додека износoт за втората ставка е 0,7 конвертибилни марки или околу 0,35 евра по квадрат и таа се плаќа 12 месеци. Односно во месеците кога се плаќаат двете ставки месечниот износ е 1,3 евра по квадрат.

Во објектите со мерење цената за првата ставка испорачана енергија се плаќа тогаш кога се троши енергија и таа изнесува 0,1026 конвертибилни марки, додека за втората ставка 0,7 конвертибилни марки. Вкупно кога се плаќаат двете ставки тоа е 0,8 конвертибилни марки или околу 0,4 евра

Оттука излегува дека за затоплување на станбена површина од 60 квадрати во Сараево во објектите каде нема мерачи за еден месец се потребни 78 евра или 936 евра за една година. Според втората тарифа се потребни 24 евра месечно или 288 во една година.

Во Сараево ваков вид загревање користат околу 50.000 домаќинства.

0,76 центи по квадрат во Приштина

И во Приштина градската компанија за топлинска енергија „Термокос” ја одредува цената за снабдување според две компоненти-фиксна и варијабилна. Фиксниот дел од цената изнесува 0,11 евроценти, а варијабилниот околу 0,67 евроценти. Вкупната цена за еден квадрат во Приштина изнесува 0,78 центи за квадрат. Цената за греење не е променета и оваа грејна сезона.

Оттука за загревање на истата грејна површина од 60 квадрати во Приштина се потребни 45,6 евра месечно или близу 550 евра за една година.

TRT Balkan

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!