Вие имате прво да ја знаете вистината

Балканците се возат со „полнолетни“ автобуси

Во повеќето земји од регионот, просечната старост на автобусите е над 18 години, а потребата од обновување на возните паркови произлегува и од аспект на безбедност, но и поради заштита на околината.

Човечка грешка, лоша инфраструктура и сообраќајна сигнализација, но често и застарениот возен парк се причина за сообраќајни несреќи во кои се вклучени автобуси кои вршат транспорт на патници. Во овие несреќи неретко има жртви и повредени.

За безбеден транспорт на патници важни се сите наведени фактори, како што се функционални возила за превоз, квалитетна патна инфраструктура и почитување на сообраќајните знаци и прописи.

ТРТ Балкан анализираше колку е просечната старост на автобусите кои вршат превоз на патници во регионот.

Во Македонија автобусите се стари над 19 години

Според податоците од Државниот завод за статистика на Македонија во 2021 година просечната старост на автобусите во земјата изнесува 19,5 години.Колку за споредба, во 2020 година просечната старост на автобусите изнесувала 18,2 години. Ова значи дека за само една година старосната возраст на овие возила е зголемена за 15 месеци.

Во Србија просечна старост на автобусите е 20 години

И во Србија се возат „полнолетни“ автобуси со кои се превезуваат патници. Просечната старост на автобусите во оваа земја е 20 години, покажуваат податоците од здружението за патен сообраќај „Србијатранспорт“.

Експертите за безбедност во Србија проценуваат дека со сегашниот ритам на набавка на новите возила, постоечкиот возен парк би можел комплетно да биде сменет дури за 100 години.

Гледано според автобуските погони во градот Белград, просечната старот на возилата во ГСП (Градскиот сообраќаен превоз) се движи во распон од 7 до 9 години. Градските власти во Белград најавија 100 нови автобуси кои наскоро ќе бидат вклучени во јавниот градски превоз.

Косово со автобуси стари 22 години

Податоците на Министерството за внатрешни работи на Косово покажуваат дека повеќето автобуси кои се користат за превоз на патници во државата се стари 22 години, односно произведени во 1999 година.

Балканците се возат со „полнолетни“ автобуси TRT Balkan

Во Црна Гора патници превезува и автобус стар 40 години

Над 22 отсто од регистрираните автобуси во Црна Гора, постари се од 20 години, според податоците на Државниот завод за статистика на Црна Гора (МОНСТАТ). Постои дури и еден регистриран автобус чие годиште е во категоријата „до 1979 година“, односно постар е од 40 години.

Полнолетни автобусите и во БиХ

Состојбата со возниот парк кој се користи за превоз на патници не е подобра ниту во Босна и Херцеговина. Според стручните анализи кои низ годините ги објавуваат универзитетите во БиХ, просечната старост на автобусите за превоз на патници во земјата е околу 18 години.

Во Албанија напори за подмладување на возниот парк

Во Албанија граѓаните патувале со автобуси во просек стари 22 години. Ова го покажуваат податоците на Министерството за транспорт и инфраструктура на Албанија објавени во 2016 година. Но, во земјата тогаш стапи во зила нов Закон за меѓуградски превоз, според кој, фирмите мора да го менуваат автобускиот парк на секои пет години.

Во меѓувреме, институциите не објавија податок за просечната старост на автобусите кои се користат за превоз на патници во меѓуградскиот сообраќај. Од друга страна, просечната старост на автобусите за градскиот превоз во главниот град Тирана е околу 10 години.

Хрватска и Словенија со најмлад возен парк

Просечната старост на автобусите што се употребуваат за транспорт на патници е далеку помала во Хрватска и Словенија, единствените две држави од поранешна Југославија кои се членки на Европската унија.

Центарот за возила на Хрватска (ЦВХ) пресмета дека просечната старост на возилата со кои се превезуваат патниците е 11,5 години. Ова е далеку помлад возен парк во споредба со останатите земји од регионот.

Сепак, во регионот, со најмлад возен парк на автобуси за превоз на патници може да се пофали Словенија. Словенците се возат во автобуси просечно стари 10,8 години, покажуваат податоците на „Статиста“.

Колку за споредба, просечната старост на автобусите во земјите на ЕУ е 11,4 години.

Како до подобрување на транспортот на патници?

Заклучоците од анализата на податоците за староста на автобусите во земјите од регионот со кои се превезуваат патници покажуваат дека Балканците се возат со полнолетни автобуси. Потребата за обновување на возните паркови произлегува од тоа што покрај аспектот на безбедноста во сообраќајот, во предвид треба да се има и фактот колку тие дотраени возила ја загадуваат околината, особено воздухот. Не помалку важни се и високите трошоци за одржување на тие возила според препорачаните стандарди.

Доколку кумулативно тие средства за редовно сервисирање на автобусите би се пренамениле за инвестирање во нови автобуси, условите за патниците кои го користат овој вид транспорт би биле далеку подобри, укажуваат експертите за безбедност во сообраќајот.

TRT Balkan

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!