Вие имате прво да ја знаете вистината

Грчко МНР ги отфрла тврдењата на турското МНР во врска со Меморандумот меѓу Грција и Египет

 Потпишаниот Меморандум за соработка во областа на воздухопловната и поморската потрага и спасување меѓу Грција и Египет, предизвика реакции во Турција, но и меѓусебни обвинувања меѓу грчкото и турското Министерство за надворешни работи, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Турција Танџу Билгич, рече дека „морските региони за потрага и спасување се сервисни области чија цел е да се спаси човечкиот живот, а според меѓународното право, овие области не се области на суверенитет“.

Додаде дека е незаконска грчката позиција да ги смета регионите за потрага и спасување како области на суверенитет и на тој начин „да ги поврзе со продолжување на нејзините максималистички барања за поморските граници“.

-Овој пристап на Грција е незаконски бидејќи е во спротивност со Хамбуршката конвенција од 1979 година. Затоа, не може да се припише било какво значење надвор од овие факти на Меморандумот за разбирање потпишан меѓу Грција и Египет. Од друга страна, сериозна контрадикторност е земјата која ги става во опасност животите на невините луѓе и ги турка назад во Егејското Море со кршење на меѓународното право да потпише меморандум за разбирање за потрага и спасување во Источниот Медитеран, рече портпаролот на турското МНР.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција Александрос Папајоану, одговарајќи на новинарско прашање во однос на соопштението од турското МНР истакна дека „Турција уште еднаш целосно ја искривува реалноста за да ги поддржи нејзините еднострани и неосновани тврдења“.

Посочи дека „турската страна се обидува да го изедначи билатералниот Меморандум за разбирање, кој е склучен со целосно почитување на меѓународното право и меѓународните правила, со нејзините неосновани и незаконски еднострани тврдења кои ги прекршуваат основните поими на меѓународното право“.

-Паралелно, во време кога Турција го инструментализира миграциското прашање, секојдневно ставајќи ги во опасност човечките животи, лажно ја обвинува нашата земја, која прави секакви можни напори да ги заштити животите во морето. Вчерашното потпишување на Меморандумот за разбирање со Египет е токму дел од овие напори и на Грција, но и на Египет. Неоснованите турски тврдења ги отфрламе во целост, рече Папајоану.

Со меморандумот за соработка за воздухопловна и поморска потрага и спасување потпишан во Каиро од министрите за одбрана на Грција и Египет се одредуваат границите на надлежност и областите на одговорност за потрага и спасување помеѓу двете земји.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!