Вие имате прво да ја знаете вистината

НАД 100 МИЛИЈАРДИ ШТЕТА – Милиони Украинци се без струја по 12 часа дневно а може и да останат без вода: “Луѓе, помагајте, парализирани сме”!

Војната остави 3,5 милиони луѓе без покрив над главата и раселени повеќе од осум милиони луѓе

Русија продолжува да ја таргетира енергетската инфраструктура на Украина со цел целосно да го парализира животот во градовите.

Вчера наутро беше гранатиран пристанишниот град Одеса, а експлозии беа регистрирани и во Днепар и главниот град Киев. Во новите ракетни напади врз клучната инфраструктура во Украина, Русија ги таргетираше капацитетите за производство на гас и големата фабрика за ракети. Најмалку 15 украински енергетски објекти беа погодени во нападите оваа недела, некои по петти или шести пат. Работниците се борат со недостиг на опрема за поправка на електричната мрежа, а властите ги молат западните земји за помош.

Нуклеарни централи
Русија истрела повеќе од 4.500 проектили кон Украина за време на војната, а во изминатите шест недели огромното мнозинство беше насочено кон цивилната инфраструктура. Само во вторникот речиси 100 проектили паднаа на украинска територија. Последниот напад го загрози поврзувањето на две нуклеарни централи со националната мрежа на Украина, принудувајќи ги операторите драматично да ја намалат количината на енергија што ја произведуваат. Нападите досега оштетија или уништија 40 отсто од критичната енергетска и водна инфраструктура на Украина.

Националната енергетска компанија Укренерго воведе сеопфатни и контролирани прекини на струја, покривајќи ги сите региони на земјата, оставајќи милиони луѓе без струја од шест до дванаесет часа на ден. „Ситуацијата е сериозна, најсериозна во историјата“, рече шефот на Укренерго Володимир Кудрицки. „Од почетокот на октомври ова е веќе шести масовен напад врз енергетската инфраструктура во земјата, овојпат најголем.

За да го погодат трансформаторот од далечина од неколку стотици километри, Русите морале точно да знаат каде да погодат за да направат најголема штета. Поради ова, Украинците веруваат дека руската војска ја советуваат електроинженери кои се запознаени со електроенергетската мрежа на Украина бидејќи голем дел од неа бил изграден кога земјата била дел од Советскиот Сојуз. Контролираните прекини на струја, чии размери се зголемуваа по секој последователен напад, им овозможија на украинските инженери да ја стабилизираат електричната мрежа. Сепак, на Украина сè уште и недостасуваат голем број делови за поправка на инфраструктурата, како што се генератори, цевки и вентили. Украинските власти бараат помош од западните сојузници во очекување на зголемени руски напади врз енергетската инфраструктура во наредните денови.

На Украинците им се заканува и губење на вода бидејќи водоводниот систем е поврзан со енергетскиот систем.

Отпадна вода
Имено, потребна е огромно количество енергија за водење на модерен водоводен систем. Исто така, потребна е многу вода за работа на енергетските системи. Без електрична енергија, прочистувањето на водата станува несигурно, а отпадните води мора да се фрлаат во реките и езерата, што може да доведе до појава на колера и еколошка катастрофа. Украина е принудена да увезува реагенси потребни за прочистување на водата од реките Днепар и Днестар, главните извори на свежа вода во Украина, бидејќи фабриките се оштетени или се под руска контрола.

Руската инвазија на Украина предизвика штета од над 100 милијарди долари на инфраструктурата на земјата. Војната остави 3,5 милиони луѓе без покрив над главата и раселени повеќе од осум милиони луѓе.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!