Милиони луѓе се на работ на гладување во четири држави поради економските последици од ковид-19, а меѓу нив најмногу ќе бидат погодени жените и девојчињата затоа што тие јадат последни и најмалку поради културните матрици на однесување, предупредија експертите на ООН.

Пандемијата на коронавирус може да го удвои бројот на луѓе со тежок пристап до храна до 270 милиони до крајот на 2020 година, соопшти ООН. Гладот ​​особено се заканува во делови на Јемен, Јужен Судан, Буркина Фасо и Нигерија.

Можно е милиони жени и девојки веќе да гладуваат ширум светот. Она што го знаеме за безбедноста на храната и за тоа кој гладува, укажува на тоа дека жените и девојчињата се најмногу изложени на ризик затоа што јадат последни и најмалку, изјави Сара Фурман, експерт за хуманитарна политика во хуманитарната организација CARE.

Пандемијата ги уништи економиите, а Светска банка минатиот месец објави дека предвидува екстремна сиромаштија за прв пат по 20 години. Милиони луѓе исто така се борат со ефектите од конфликтот и климатските промени. Според Светската програма за храна, едно од девет лица нема доволно храна.

Жените и девојчињата среде пандемијата со ковид-19 се изложени на двојно оптоварување: први ја губат работа и едвај успеваат да придонесат за домаќинството, а социјалните норми налагаат прво да ги хранат мажите и момчињата, предупредува CARE.

ООН во вторникот објави дека ќе одвои 80 милиони долари за да се спречи гладот ​​во Авганистан, Буркина Фасо, Конго, Нигерија, Јужен Судан и Јемен и дополнителни 20 милиони долари за Етиопија која е погодена од тешката суша.

CARE повикува на поголеми издвојувања за решавање на последиците од ковида-19 и засилување на напорите за заштита на жените и девојчињата преку нивно вклучување во донесување одлуки и програми со фокус на нивните потреби.