Платни налози по 20 евра за неносење заштитна маска им се изречени на сите 15 функционери од Демократската унија за интеграција кои се фотографираа собрани во новата зграда на Министерството за политички систем, потврди Министерството за внатрешни работи за „МИА“.

Во понеделникот го славеа роденденот на Али Ахмети во министерството, а денеска веќе треба да платат казна за фотографијата без маски.

Откако вчера првиот вицепремиер Артан Груби апелираше до надлежните институции да изречат казни за него, но и за неговите сопартијци, меѓу кои беше и заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, МВР брзо реагираше и веќе им ги врачило платни налози за неносење заштитна маска на сите 15 функционери од ДУИ.

Од МВР велат дека платните налози се врачени и како и за сите граѓани, така и за овие функционери важи правилото дека ако ја платат казната од 20 евра за неносење маска во рок од една недела, таа ќе им се намали на 10 евра.