Скопје со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 57 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени. Оваа година, поради специфичната состојба со пандемијата на Ковид-19, сите активности ќе се организираат согласно строгите протоколи за вакви настани на Владата и Министерството за здравство.

Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и Црвениот крст на Град Скопје денеска ќе ја организираат традиционалната крводарителска акција. Акцијата ќе се одржи во Дневниот центар за дарување во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, од 9 до 17 часот. Акцијата ќе биде спроведена по посебни протоколи поради Ковид-19.

Во рамки на одбележувањето на годишнината од земјотресот, Град Скопје и јавните културни установи традиционално ќе организираат голем број настани.

Музејот на Град Скопје организира изложба за големата трагедија што се случи на 26 јули 1963 година. Автор на изложбата „Скопска алеја на меѓународната солидарност“ е Зоја Богдановска, кустос советник историчар. Изложбата ќе биде поставена в сабота, во 20:00 часот, во Градскиот парк во Скопје, на платото пред споменикот Гоце Делчев. Изложбата ќе ја отвори градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *